Започна конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во Струга каде што се избира партиски кандидат за претседател на државата за претстојните избори што ќе се одржат на 21 април, годинава.

Во обраќањето пред 551 делегат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека со квалитетен избраник и победа на претседателските избори партијата ќе му даде „жолт картон“ на премиерот Зоран Заев и СДСМ. Повика на голема претпазливост бидејќи истите можеби нема да бидат регуларни, а исто така и самиот амбиент, како што рече тој, не е фер. Напомена дека на референдумот во септември за промена на името имало гласачки места каде што се полнеле кутии со ливчиња на секои две секунди.

– Аирлија да ни е денот и да го избереме идниот претседател на Македонија. Земјата е на крстосница, а секој граѓанин има чувство дека постојано губи иако прави се најдобро за својот живот. Тоа е затоа што општеството е труло и вредносниот систем е разорен. Тој човек мисли дека се е против него. Нема да држам лекции што е пропуштено, туку ви велам дека ќе победиме. Не се брише тоа што Македонија била и на нашите прадедовци. Тука сме да ја отпочнеме финалната битка за нејзината одбрана. Да избереме личност која никогаш порано не ја разочарала Македонија, да биде честит, праведен и да ја обединува земјата со своите принципи. Секој од делегатите од вас во оваа сала одлучува и одредува за она што ќе го понудиме пред граѓаните а јас знам дека ќе донесете правилна одлука – рече Мицкоски пред делегатите.

Вкупно 551 делегат избираат меѓу деветмината кандидати, кои се пријавија на партискиот конкурс. Во изборот за претседателската кандидатура ќе се натпреваруваат Гордана Силјаноска Давкова, Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Горан Ангелов, Илија Димовски, Сашо Култешовски, Никита Шекутовска, Васко Костов и Ѓорѓи Манасков. Кандидатите ќе имаат по 15 минути можност да ја претстават својата визија пред делегатите, а потоа предвидено е да се премине на гласање.

За избран кандидат, според деловникот на партијата, се смета оној кој добил најмногу гласови, но не помалку од една третина од вкупниот број делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број или кандидатите добијат ист број гласови, гласањето се повторува.

Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати, кои добиле најмногу гласови на првото гласање, при што за избран ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови на повтореното гласање.

Претходно генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, рече дека овие претседателски избори се клучни за ВМРО-ДПМНЕ, но пред се клучни за Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.