Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски информира дека со претседателите на сестринските парии разговарал за актуелни прашања и предизвици со кои се соочуваат Европа, но и Европската народна партија.

Претседателот Мицкоски нагласи дека се разговара и за предизвиците со кои се соочува Македонија во однос на неразумниот потег на владата да не го прифати Предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на повластената даночна стапка за прехранбените производи, укажувајќи дека преку покажување на како што рече тој мускули од владата на СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ всушност директно влијае врз стандардот и џебот на граѓаните.

Зборувавме за неразумниот потег на владата да не го прифати предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на повластената даночна стапка за прехранбените производи. Можам да речам дека ова е втора погрешна проценка на владата, која не сфаќа дека на тој начин директно влијае врз стандардот на граѓаните. Водејќи ваква неразумна и неодговорна политика, владата не му се осветува на ВМРО-ДПМНЕ, туку на граѓаните, рече тој.

Мицкоски истакна дека во Ротердам имал средба и со хрватскиот премиер и претседател на сестринската ХДЗ Андреј Пленковиќ, додавајќи дека разговарале за економските предизвици со кои се соочуваат двете држави.

Имав одлична средба со мојот драг пријател премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ и претседател на сестринската ХДЗ. Разговаравме за економските предизвици со кои што се соочуваат нашите две држави, продлабочување на соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ И Хрватската демократска заедница, рече Мицкоски, кој потенцира дека конгресот бил исклучително значаен за МВРО-ДПМНЕ.

Уште еднаш покажавме дека ВМРО-ДПМНЕ гради партнерски односи со нашите сестрински партии и со европските држави, нагласи Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека веднаш по формирање на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се интензивира соработката со земјите членки на Европската унија и сестринските партии за обезбедување на квалитетна  иднина и добра перспектива.

Мостовите се веќе поставени, само потребно е таа соработка да биде интензивирана. Имаме исклучително големи можности за квалитетна  иднина, за една добра перспектива и плодна соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна и влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и земјите членки на ЕУ и сестринските партии кои што се дел од земјите членки на ЕУ, кажа претседателот Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.