Имаме премиер на Македонија кој што во презентацијата на Буџетот за следната година, наместо да презентира колку ќе вложува во наука, образование, здравство, изградба на автопати и пруга, тој се фали со зголемувањето на социјалните пакети за зголемениот број на социјални случаи, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање запрашан за коментар за презентацијата на буџетот за 2023 година во кој македонскиот премиер, Димитар Ковачевски соопшти дека ќе има зголемен број на социјалните пакети за социјалните случаи.

Мицкоски посочи дека, по него, успешен премиер е тој што ќе рече дека од оваа година Македонија не е држава со највисока стапка на сиромаштија, а не тој што се фали со зголемувањето на бројот на социјалните случаи.

„Спектакл се прави се прави од нешто што треба да биде редовна активност на владата, дека ќе имало социјални пакети. Ние треба да работиме како држава да немаме многу социјални пакети, треба да имаме богати граѓани. Успешен е оној премиер кој што ќе рече, оваа година Македонија не е држава со најголема стапка на сиромаштија и јас сега имам повеќе пари да вложувам за развој на образование, здравство и така натаму“, истакна Мицкоски.

Замислете сега, додаде Мицскоски, премиерот се фали за повеќе социјални случаи, при што посочи дека тоа не е нормално и тоа не е тема за прес конференција, тема за прес конференција треба да е намалениот број на социјални случаи и зголемувањето на бројот на богати македонски граѓани.

„Но, во ред, кога повторно ќе кажам немате што да кажете, тогаш излегувате и кажувате некои теми кои што навистина, не знам кој го советува да ги зборува. Не е за мене фалење ако е зголемен бројот на приматели на социјална помош, напротив, за мене тема за фалење ако е намален бројот на приматели на социјална помош и повеќе богати граѓани. Тоа е за мене тема. Е тоа требаше да каже Ковачевски, колку пари ќе има за науката, колку пари ќе има за здравството, колку пари ќе има за нови автопати, за пруга. Тоа е суштината, нови енергетски објекти. Тој се фали, излегува и вели ќе има повеќе пари за сиромаштија. Не можам да го разберам, но претпоставувам тие ја одбрале таа стратегија, по мене тоа е погрешно и не е за фалење, но, тоа е што е“, рече Мицкоски.

Посочи дека ситуацијата со економијата во државата е алармантна, нема стабилна економска политика и поради тоа бизнисмените не можат да прават инвестиции и кога нема инвестиции нема ни развој, а има се повеќе сиромаштија.

„Ситуацијата во државата е алармантна, во економијата е алармантна ситуацијата и јас едноставно не гледам стабилна економска политика. Гледам политика со многу осцилации, ќе има даночна реформа па ќе нема даночна, па скалест данок се брише, па не се брише се одлага. Сето тоа создава еден вид горчина кај бизнисмените и тие практично, во отсуство на стабилност не можат ниту да инвестираат, а ако немате инвестиции немате развој, ако немате развој имате многу сиромаштија. И потоа се враќаме на почеток, ќе ги собираме парите да стимулираме сиромаштија, напротив, треба да стимулираме повеќе развој. Тоа е за мене успешен премиер, а не премиер што се фали дека има повеќе социјални случаи. Добро, ако тој така мисли дека се води политика, немам што да додадам“, истакна Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.