Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски остро го осуди нападот на луѓе блиски до Заев, врз министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи. За него навредите и антисемитизмот кои ги шират советниците на Заев, ја разгоруваат омразата кон Еврејскиот народ, но и кон ВМРО ДПМНЕ. Така наместо градење на едно општество, за што декларативно се залагаше Заев, само се продлабочува поделбата во опшеството

Мицкоски на Фејсбук напиша:

Заев ветуваше едно општество за сите, ама тоа само пред камерите, а во реалноста, оние кои први беа до него ќе напишат дека сме биле “фашистичка партија”, згора на тоа вулгарно ќе посочат за Рашела Мизрахи дека “имало и Евреи кои работеле за нацистите”. И притоа ваквите навреди и пропагираниот антисемитизам ќе им се допаднат на социјалните мрежи на советниците на Заев кои добиваат плата од сите нас. Згрозен сум од леснотијата со која се прават поделби, се шири говор на омраза кон државата Израел и Еврејскиот народ, и навредите кон ВМРО-ДПМНЕ, зад кои стојат политички мотиви и се стимулирани од партијата на власт. И ова не е првпат, но овој пат е премногу. Фраза едно општество за сите ја претвораат во прогон кон неистомислениците. Нема работа која самите не си ја негираа, нема работа која самите не ја погазија. Јас ја разбирам нервозата присутна во СДСМ, дури можам да го разберам и стравот од пораз, но не можам да ја разберам омразата со која се служат и удираат ниско по оние не мислат исто како нив. На крајот од денот, достоинството и честа немаат цена, и таквите навреди говорат за оние кои ги изнесуваат и оние кои ги инструираат, отколку за оној кон кој се насочени. Поддршка и целосна почит за Евреите и Израел која е голем пријател на Македонија. Најмалку што може СДСМ да направи е извинување кон Мизрахи, и кон ВМРО-ДПМНЕ. Сето ова ќе заврши, но срамот на оние кои денес го земаат знамето на омразата ќе остане. И секако, сето ова нема да ги спаси или да го намали поразот кој им претстои – пишува Мицкоски на Фејсбук.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.