Ова се избори на кои се избира помеѓу неправдата и криминалот, од една страна и правдата, чесноста, исправена и горда Македонија, од друга страна, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Велес.

Ова се избори кога одлучуваме за иднината на нашите семејства, избори на кои треба да го обелиме образот на нашите предци, изборот сега на 15 јули е помеѓу неправдата, омаловажувањето и од друга страна правдата и достоинството, рече Мицкоски.

Тој посочи дека „овој пат треба да се обединиме и да видиме што можеме ние да направиме за Македонија.

Затоа ве повикувам на 15 јули да гласате за број 14, порача Мицкоски посочувајќи дека „не треба да им се верува на оние кои се колнат во жицата, во семето затоа што тие лажат“ и дека доаѓа време на политичари кои ќе одлучуваат заедно со народот.

Тој ги повика и политички неопределените и членовите на СДСМ кои не поддржуваат сегашното раководство на оваа да застанат зад ВМРО-ДПМНЕ, со цел, како што рече, да се спаси државата.

Мицкоски најави бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, враќање на вредностите во општеството укажувајќи дека во програмата Проект-Обнова има детали како да се подобри животот во Македонија на сите полиња и за сите.

Сите кои се огрешиле пред законот сите ќе одговараат, не може неправдата да царува, не може криминалците да бидат главни во општеството, а младите да заминуваат од Македонија, порача Мицкоски.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев и носител на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 3 од Велес порача дека 15 јули е ден кога се гласа за чесни и вредни политичари и ден кога ќе се испратат во пензија сите политичари кои спроведуваат погубни политики за Македонија.

15 јули е финалето на една битка за враќање на државата во рацете на народот. Три години гледавме како не треба да се работи како не треба да се води држава. Затоа овие избори се многу важни и треба да го поразиме вирусот на криминал и корупција, вирус кој има име и презиме Зоран Заев, рече Јанушев.

Според Јанушев, оваа власт можела да направи многу повеќе за народот, но ништо не направила и „не мрднала со прст“.

Ќе направиме и многу повеќе, ќе донесеме закон за потекло на имотот политичарите, изјави Јанушев, најавувајќи ја програмата Проект Обнова за која рече дека „треба да даде ново светло во Република Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.