Додека Бугарија си тераа по старо, премиерот во заминување Зоран Заев на крај памет не помислува да реагира на бугарските навреди за да не ја расипе калимерата со Бугарите, а претседателот Стево Пендаровски за бугарските медиуми изјавува дека многу му е жал што младите слушале српска, а не бугарска музика.

Сакате речете го упикување, сакате речете го додворување, ниту едното ниту другото не не става во поволна позиција. Уште повеќе, потенцира дека актуелната македонска власт е неспособна да покаже подготвеност за да го одбрани она малку достоинство што ни го остави.

Иако повикан, Заев продолжува да практикува политичко однесување трај си – прај си. Како што премолча многупати досега, така и сега се прави глув на повикот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски да се донесе резолуција за заштита на македонскиот јазик.

Резолуција нема да значи никаква претензија, туку потврда за нашето и испраќање на политичка порака дека како држава сепак имаме кичма и свој јазик различен од сите други, по кои се препознаваме и разликуваме од останатите. За ваквата Резолуција е добро да се изјасни и Зоран Заев, и се надевам дека овој пат нема да се двоуми и молчи како што тоа го прави за предлогот за ограничување на амнестијата, испитување на имот на политичарите, кандидат мандатар и измени на Законот за јазици во склад со Венецијанската Комисија и Уставот. Се надевам дека барем малку ќе се издигне над дневната политика и ќе се стави на страната на националните интереси, повика Мицкоски, но се поизвесно е дека и овојпат ќе наиде на свиткана кичма, наместо на прифатен или одбиен предлог.

Сепак, и одбивањето на предлогот на опозицијскиот лидер значи став, но за жал македонските интереси ги „бранат“ безрбетници.

Договорот за добросоедство со Бугарија и онака не обврзува само за нас. Бугарија не го напушта стариот познат дискурс на негирање и понижување на македонската нација и македонскиот јазик.

Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов си дозволи да го потсети македонскиот премиер во заминување на неговото „бугарско потекло“, зашто „струмичкиот крај бил последен одземен од Бугарија“.

За БАНУ и во 21 век, и во Европа, македонскиот јазик е „бугарски, напишан на српска машина за пишување“.

На ова дрско понижување реагираа интелектуалци, опозицијата, Институтутот за македонски јазик и Институтот за македонска книжевност, сите освен официјалните лица.

Наместо реакција, премиерот во заминување најавува „другарска“ средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов по Нова година, кога ќе се ослободел од премиерската функција и ќе имал повеќе слободно време.

Заев заборава дека откако се стане поранешен премиер може да е гледа со Борисов за да играат бадминтон, но не и за да решаваат државнички прашања.

Пендаровски, пак, веројатно и понатаму жали што младите наместо Гергана слушаат Цеца.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.