Јас очекував да седнеме и да поразговараме за оваа онлајн идеја која што ја турка владеачкото мнозинство, имајќи предвид дека Собранието е функционално, во парламентот имаме минимум 115 пратеници кои се секогаш присутни на седница, кои што може да разговараат и дискутираат за сè, рече денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, одговарајќи на новинарско прашање за поднесените 3.000 амандмани на овој предлог-деловник.

Единствената причина поради која што се бара ова онлајн Собрание е малиот број на пратеници од владеачкото мнозинство. 62 пратеници е далеку од функционално мнозинство кое што би можело да работи без да се усогласува по однос на законите и она што доаѓа како материјал во Собранието со опозицијата. Да не заборавиме дека 58 пратеници од опозицијата претставуваат повеќе од пола милион граѓани на оваа држава и тие пола милион граѓани кои што го дале гласот за опозицијата очекуваат нешто од таа опозиција и се на ставовите заедно со опозиционите партии.
За жал, немаше слух од страна на владеачкото мнозинство, се поднесе овој Предлог Деловник без консензус. Инаку, знаете дека Жан Моне процесот е процес во кој што консензуално се договараат одредени измени по основ на Деловникот и ние постигнавме некој напредок и се надевам дека на следниот Жан Моне и оние мали несогласувања ќе ги усогласиме за да можеме да имаме еден Деловник кој што ќе одговара и на власта и на опозицијата.
3000те амандмани поднесени од страна на опозиционите партии се само крик на опозицијата во однос на она што власта сака да го демонстрира во Собранието, а тоа е непочитување на опозицијата, неразговарање, избегнувањето на дијалог со сите политички партии и една од причините поради која што ги има овие 3000 амандмани покрај неуставноста на самото законско решение за измена Деловникот, е ова што го гледаме денес, рече Мицевски.

Според Мицевски, целта на ваквото барање на опозицијата да се смени Деловникот се малиот број на пратеници, посебно од страна на власта, за протуркување на одредени законски решенија кои што немаат допирна точка со проблемите кои што ги има во државата поврзани со ковид-кризата, односно законите од здравството и економијата е единствената причина поради која се бара да ова нефункционално мнозинство од 62 пратеници од кои што дел од пратениците иако здрави ретко ги гледаме во Собранието е причина да побараат шанса која што ќе им даде можност за го имаат мнозинството на располагање.

Ние уште на самиот старт кажавме дека формирање на Влада со поддршка од 62 пратеници не е некоја добра одлука, меѓутоа така решија да работат и ние сме тука за да ги освестиме и да ги разбудиме од сето она што го прават во изминатиот период.
Морам да потсетам дека секое она законско решение поврзано со одредени бенефиции на граѓаните, помагање на економијата, помагање на стопанството, на здравствената криза, од страна на ВМРО-ДПМНЕ не беа закочени во изминатиов период, напротив даваме целосна поддршка и со наши амандмани пробуваме да ги подобриме тие законски решенија. Меѓутоа се она што не е поврзано со кризата, се она за што нема консултации и дијалог, од страна на опозицијата ќе биде оспорувано. Имавме примери во минатото дека и двотретински реформски закони кои што беа важни за државата, беа поддржани од ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, исто ќе биде и во наредниот период, меѓутоа само за закони кои што се поврзани со оваа криза и за подобрување на состојбата, како економската така и здравствената на граѓаните во Република Македонија, рече Мицевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.