Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека премиерот Зоран Заев со гласањето доверба на Владата вчера купил привиден мир и се обидел да го оттргне народот од вистинските проблеми, но и од фактот дека коалицијата полека, но сигурно нема доверба во Владата.

Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски денеска на прес-конференција рече дека Заев исплашен од ВМРО-ДПМНЕ побрза да предложи точка на дневен ред– гласање на доверба на Влада и тоа по итна постапка на самата седница, со цел да не може да се дискутира во Собранието за лошите и катастрофалните политики на власта.

Заев само покажа дека нема доверба во своето мнозинството и својата коалиција и затоа мораше да ги тестира. Со овој очајнички и паничен потег, Заев мисли дека си купил 90 дена мир, но очигледно не го знае членот 92 став 5 од Уставот на Република Македонија, каде многу јасно и децидно вели, цитирам: „Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постават мнозинството од вкупниот број пратеници, рече Мицевски.

ВМРО-ДПМНЕ, според Мицевски, му порачува на Заев дека на неговата „купи ден, продај“ евтина и популистичка политика, полека но сигурно и се гледа крајот.

Токму стравот, паниката и слабоста која што власта и Зоран Заев ги покажаа вчера, јасно покажува дека тој не верува ниту во своето мнозинство, ниту пак доволно верува во себе, рече Мицевски.

Според него, вчера паднала во вода и лагата на Заев дека има пратеници од опозицијата кои го поддржуваат и ќе преминат во таборот на власта.

Дека тоа е евтина лага и манипулација, вчера се увери и самиот Заев, а македонската јавност јасно гледа чиј табор во последниот период е на стаклени нозе и полека се распаѓа, изјави Мицевски.

Заев, како што кажа, веќе нема што да понуди, и неговиот крај како премиер забрзано доаѓа и е се поочигледен.

Мирот кој наводно мисли дека си го обезбедил, наскоро ќе стане и ќе се претвори во негов кошмар, рече Мицевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ е во континуирана комуникација со пратеници од владејачкото мнозинство и тоа што вчера се случило беше ад хок. Кога ќе биде стабилно или кога ќе имаме можност да направиме дополнителен потег ќе бидете известени. Затоа не би сакал сега да ги подигнувам очекувањата на јавноста, меѓутоа разговорите се секојдневни и континуирани, потенцираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. На одговор на новинарско прашање, кажа дека со 61 потпис и пред тие 90 дена може да се свика доверба на Влада.

Повтори дека Владата на СДСМ, предводена од Заев не донесе вакцини во земјата, земјата е презадолжена, 55 илјади луѓе останаа без работа, но и дека треба пратениците да дебатираат за зголемување на бројот на заболени од Ковид, новиот концепт за основно образование.

Најави дека ќе бараат од собранискиот спикер Талат Џафери, интерпелациите што се поднесени од нив за вицепремиерот Љупчо Николовски и за министерот за правда да бидат ставени на дневен ред за да може да се дебатира по нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.