Власта единствено што прави во овие изминати четири години е изнаоѓање на решенија за некои сомнителни јавни набавки, тендери и коруптивни скандали кои што излегуваат секој ден се повеќе и повеќе, како и обвинување на опозицијата за блокада на Собранието, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

По се изгледа терминот „блокада на Собранието“ им стана како еден лајтмотив на целата владејачка гарнитура, а суштината и состојбата во Собранието е малку поразлична од тоа. Точно е дека Законот за Клинички центар е блокиран и има причина зошто е блокиран и ќе биде блокиран се до моментот додека тој предлог на закон од 35 листови со кои што бараат да потрошат пола милијарда евра не го поправат и исправат и не седнат со опозицијата да разговараат за тоа. Да ве потсетам, во 2017 година министерот Филипче во оваа сала заедно со сите членови на Комисијата за здравство и сите пратенички групи, презентираше проект дека ќе почне да се гради Клинички центар. Тоа беше во 2017 година. Ние сме на средината на 2021 година, „К“ нема од клинички центар. По основ на другите обвинувања за законските решенија, Законот за служба во Армијата има одредени забелешки за кои што имаше реакција од одредени групации на пензионирани офицери, на луѓе кои што работат се уште во Армијата и ние поднесовме четири суштински амандмани кои што не сакаше ниту министерката, ниту целокупното владејачко мнозинство да ги прифати. Морам да напоменам дека таков ист закон, комплетно ист закон, со 4-те забелешки вметнати од наша страна е во Собраниска процедура и за жал на денешната седница истата таа власт која што не обвинува за блокада, не го става овој закон како точка на дневен ред, а во неа се опфатени сите поволности кои што ги имаат и професионалните војници во однос на добивање на одредени средства, некаде околу 1000 евра по основ на година работен стаж во случај на пензионирање и неможност државата да им најде вработување на истите – вели Мицевски.

Тој додава дека доколку сакаат да помогнат на граѓаните, редно е да го прифатат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. Таму освен четирите забелешки кои ги споменав, нема други забелешки.

Во однос на образованието, за Ваша информација и за информација на граѓаните и јавноста, да Ве информирам дека веќе два дена е закочена работата на Комисијата за образование затоа што претседателката на Комисијата и владејачкото мнозинство не сакаат да стават точка на дневен ред. Тоа се заклучоци од Јавната расправа по однос на образованието која што се одржа во Собранието и за која што имаше голем интерес, меѓутоа очигледно дека она што го слушаа од присутните академски професори, луѓе од фелата, луѓе кои што работат на таа проблематика, не им беше баш симпатично и прифатливо за нив. Така да повторно сакаат да ја обвинат јавноста, целата транспарентност и процедура во Собранието и да продолжи министерката Мила Царовска со нејзините реформи кои што се апсолутно неприфатливи за широката македонска јавност и за фелата, од она што доаѓа како реакција до нас – потенцираше Мицевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.