Медиумската информативна агенција – МИА денеска го отвори својот прес-центар во Софија, на чие отворањето присустуваа и премиерите на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков. Претходно такво нешто во Скопје направи и бугарската новинска агенција БТА

Ковачевски и Петков го оценија отворањето на прес-центарот на МИА во Софија како мошне важен чекор во насока на унапредување на севкупната соработка меѓу двете земји.

Премиерот Ковачевски во обраќањето на отворањето нагласи дека е задоволство кога нешто се работи и кога тоа дава резултати, потенцирајќи дека пред само една недела во Скопје беше отворен прес-центарот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), а сега, по само неколку дена, се отвора прес-центарот на МИА во Софија.

Не е значајно само тоа што имаме прес-центри на двете главни државни новински агенции, туку уште позначајно е што ќе има агенции што ќе споделуваат информации, кои се веродостојни и кои ќе ги одразуваат добрите односи меѓу двете држави – изјави Ковачевски.

Според него, оваа размена на информации е значајна во време кога меѓу двете држави започна процес на враќање на довербата и зајакнување на соработката меѓу институциите и деловните заедници, од што, како што рече, ќе има за што да се информира.

Ќе има да се информира за позитивни работи и тоа ќе претставува пополнување на медиумскиот простор со тоа што го правиме во знак на пријателство меѓу двете држави, во духот на европските вредности и исто така ќе претставува контратежа на сите оние лажни вести, на онаа пропаганда, којашто ги носи односите меѓу двете држави на многу ниско ниво – потенцира Ковачевски.

Тој нагласи дека со неговиот колега Петков ќе работат на економско и трговско зближување на двете земји, а МИА и БТА ќе имаат задача да ги информираат граѓаните за сработеното и за бенефитите од тоа зближување.

Бугарскиот премиер Петков во обраќањето потенцира дека се радувам што со Ковачевски ја одржуваат само втората средба, а веќе почнаа да доаѓаат резултати од новиот приод во соработката.

Од сега натаму ќе биде вака. Секоја недела очекуваме реални, конструктивни резултати – нагласи Петков, додавајќи дека и МИА и БТА ќе треба да дадат свој придонес кон зајакнување на таа соработка.

Тој потенцира дека очекува конкретни резултати од утрешната заедничка седница на владите на двете земји и потпишување на повеќе договори, за што, како што потенцира, ќе информираат и двете агенции.

На отворањето присустуваа директорите на МИА и БТА, Драган Антоновски и Кирил Влчев, јави известувачот на МИА од Софија.

Во обраќањето на отворањето, Антоновски истакна дека МИА објавува информации на три јазици – на македонски, албански и англиски и има одлична соработка со сите регионални агенции, а дополнително со БТА склучи и договор за размена на информации, кои се објавуваат во исто време во изворна форма, како проверена, брза и точна информација и како „наш придонес за справување со лажните вести“.

Тој потсети дека МИА веќе една година има дописник од Софија , а со отворањето на прес-центарот, што се наоѓа во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, Агенцијата, како што нагласи, ќе придонесе повеќе во информативниот дел на КИЦ.

Се надевам дека овој момент на отворањето на прес-центрот уште повеќе ќе придонесе за побрзи и поточни информации за се она што се случува и во Република Бугарија и во Република Македонија – потенцира Антоновски.

За време на посетатa на Петков во Скопје, свој прес-центар, отвори и бугарската новинаска агеција – БТА, а сето тоа е согласно соработката меѓу двете агенции, која се интензивираше со потпишувањето на Договорот за размена на информации и професионална соработка.

Договорот беше потпишан во мај минатата година во делегацијата на Европската Унија во Рим од страна на директорите на двете агенции, а во присуство на претседателите на Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.