Метлата која ја најави лидерот на СДСМ и премиер на Македонија, Зоран Заев, заигра. Но таа удри главно по скопското и кумановското крило. Дали Заев реши да замете поради пораката која им беше испратена по слабиот резултат на претседателските избори или таа акција му е потребна за да си го исчисти сопствениот пат?! Александар Кирацовски заминува од функцијата генерален секретар на партијата. Тој беше поврзан со многу скандали, пред се непотизмот при вработувањето на членови на неговата фамилија како и на блиски пријателки. Но она што фрла сомнеж дека Заев си поставува свои луѓе онаму каде што му треба, е поставувањто на актуелниот министе за земјоделство, Љупчо Николовски, на позицијата на Кирацовски. Николовски важи за близок човек на лидерот на партијата, кој во времето кога СДСМ беше во опозиција шеф на кабинетот на Заев.

Покрај Кирацовски метлата на Заев удри и по шесте потпретседатели на СДСМ, Фросина Ременски, Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири, Благој Бочварски, Петре Шилегов. Разрешена е и претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Цветанка Ласкова. Според информациите, има разрешување на другите секретари на партијата – организацискиот Миле Зечевиќ и за меѓународна соработка Јован Деспотовски. Партиските членови веќе почнаа да коментираат дека Заев ги чисти сите оние кои нему му пречат. Се справува пред се со скопското крило на Радмила Шекеринска, како и партиските функционери кои важат за блиски до неа, но и кумановското крило на Оливер Спасовски.

-Метлата заигра со цел Заев да се искупу од одговорност. Се чини сака целата дговорност за незадоволството кај оние кои на парламентарните избори гласаа за СДСМ, да ја префрли врз оние кои не се негови луѓе. Слушавме низа критики за непотизам, наместени тендери, криминал. Сега сите се виновни, но не и тој и неговите најблиски соработници. Како претседател на партијата одговорноста тргнува од него, а не од опашката. Го чисти раководството од луѓето на Радмила Шекеринска. Дали токму таа не му претставува потенцијална опасност во партијата?! Дали токму Шекеринска и нејзините луѓе не се пречка за негова поголема моќ? – коментираат членови на СДСМ по вечерашните случувања на Централниот одбор на партијата.

Според нив тактиката на Заев ќе излезе на виделина со изборот на новите потпретседатели. Се очекува изборот да се случи на нова седница на ЦО – на 9 или на 16 јуни. Се очекува тогаш или уште вечерва да биде закажан и постизборниот конгрес на СДСМ, што, според статутот, треба да се одржи најдоцна во почетокот на јули. Тогаш, делегатите треба да се изјаснат за доверба за партискиот лидер Заев, заменик-претседателката Радмила Шекеринска и централниот и надзорниот одбор на партијата, согласно со резултатите од претседателските избори.

Ќе се случат ли вистински реформи во СДСМ, во власта, а со тоа и во државата, или Заев само ќе ја зациментира својата моќ?! Партиските членови велат дека вечерва на удар била Шекеринска, која била критикувана од страна на Заев. Велат незадоволството расте, со голема критика се гледа на неговиот авторитарен пристап, ако се има предвид дека тој ги разрешува сите кои во дел од политиките не се согласуваат со него. Дополнително на ова се додаваат шпекулациите за промените на министерските и директорките места, каде повторно на удар се луѓето од скопското партиско крило. Метлата заигра по неистомислениците и оние кои се потенцијална опасност по авторитарната моќ на Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.