Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од општинскиот буџет на Струга потрошил 27.500 евра во 2020 година за репрезентации, односно за јадење по ресторани.

Во изминатите три години, односно за 2018, 2019 и 2020 таа сума изнесува скоро 78 илјади евра. Парите се трошени од програмата „Градоначалник – за расходи и репрезентација“, пренесе Алсат.

За овие трошења реагираа од опозицијата.

„Минатата година во услови кога имавме вонредна состојба, кога угостителските објекти работеа со рестрикции, се потрошени 27000 евра. На тој начин се злоупотребени парите на граѓаните… На последната седница градоначалникот не го негираше фактот дека тие пари се потрошени за репрезентација“, рече Ален Деребан, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Рајмонда Мамуди, советник Алијанса на Албанците пак посочи:

„Каде и кога јадевте ручеци и вечери кога знаеме дека од 11 март сме во изолација? Долго време рестораните беа затворени, кога повеќе од 4 лица сè уште не можат да се соберат и да јадат во ресторан? Каде потрошивте 27.500 евра за репрезентација?“

Градоначалникот на општина Струга денеска остана недостапен да објасни како во 2020 година, кога угостителските објекти воопшто не работеа, успеал да потроши околу 28.000 евра.

Заменик претседателот на Владата за борба против корупција, Љупчо Николовски за ТВ 24 вели дека случајот ќе биде испитан и ќе биде соопштен официјалениот став на Владата.

Ова не е прв пат градоначалникот на општина Струга да ја бранува јавноста со трошење на народните пари. Претходно јавноста бурно реагираше кога Мерко одлучи да купи возила во вредност од 100.000 евра, од кои само неговото возило, марка Ауди А6 чинеше безмалку 67.000 евра. Сето тоа се случуваше во време кога Струга едвај ја одблокира општинската сметка и кога државата и’ додели 4 милиони евра да си го покрие долгот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.