Не можевме да предвидиме дека Бугарија ќе го блокира почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, изјави германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот со шефовите на држави и влади од шесте земји од Западниот Балкан.

Генералната оценка на Меркел е дека во последните 7 години, од почетокот на ткн. Берлински процес, имало успеси, но и дека останува доста да се сработи во делот на борбата против корупцијата. Како позитивен пример од регионот таа го наведе ткн. „ветинг“ процес во Албанија и оцени дека Берлинскиот процес отворил нов квалитет во соработката во регионот.

Во делот на изненадувачкиот развој на настаните, Меркел ја наведе бугарската блокада на Македонија.

Некои тешкотии не можете да ги предвидите. Долго гледавме како Македонија и Грција преговараа за името. (…) (Откако се реши спорот) Македонија стана членка на НАТО, но одеднаш Бугарија го блокираше почетокот на преговорите за членство во ЕУ“, рече Меркел.

Германската канцеларка уште еднаш повтори дека иднината на регионот е во ЕУ и тоа, според неа, не е интерес само на земјите од Западниот Балкан туку и на самата ЕУ. Наведувајќи ги тешкотиите со кои се соочува регионот, Меркел наведе три: спорот меѓу Србија и Косово, состојбата во БиХ, како и спорот меѓу Бугарија и Македонија.

Потребно ни е многу трпение, но и голем ангажман за да се надминат овие спорови, рече Меркел.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.