Претставник на германската влада соопшти дека на денешниот состанок меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон ќе биде покренато прашањето за доделување датум на Македонија за почнување пристапни преговори со Европската унија.

Ова е приоритетна работа за Германија и стратегиско прашање за Европската унија, изјавил за новинската агенција Ројтерс неименуван претставник на германската влада.

Агенцијата оценува дека францускиот претседател Емануел Макрон се соочи со судир со германската канцеларка Ангела Меркел, откако Париз вчера остана изолиран во спротивставувањето на започнувањето на преговорите за членство со Македонија. Данска и Холандија на состанокот на министрите на ЕУ во Луксембург застанаа на страна на француското отфрлање на започнувањето на разговорите за пристапување со Албанија.

Владата на Макрон нема да се согласи на започнување на разговорите сега.

Овие земји ќе бидат дел од Европската унија еден ден, но рано е да се отвори правниот процес за проширување, изјавил неименуван претставник на претседателот Макрон за Ројтерс.

Париз оценува дека Европската унија се соочува со доволно предизвици во моментот, вклучувајќи ги Брегзит, Кина, миграцијата и безбедносните закани од Русија за да дозволи влез на две земји од Балакнот, кој се уште има последици од војните во деведесеттите и се бори со криминал и корупција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.