Бруно Макаис, поранешен португалски државен секретар за европски прашања, вели дека причината што Македонија не се раздвои од Албанија и не доби датум за преговори со ЕУ е желбата на Ангела Меркел да не изгледа како исламофоб во очите на јавноста. Макаис вели дека Македонија требало да се изземе од групата со Албанија и сама да добие датум за преговори, но германската канцеларка ја блокирала оваа идеја бидејќи тоа ќе оставело впечаток декa само мнозински христијанските балкански земји како Србија, Црна Гора и Македонија можат да влезат во ЕУ, додека Албанија, Босна и Косово ќе останат надвор.

Слушам дека кога некои земји му предложија на Европскиот Совет, Македонија да се раздвои од Албанија, Меркел настапила емотивно и инсистирала дека Европа не смее да биде видена како исламофобска. Жално е што не се пишува повеќе за ова, вели Макаис, кој ја поддржува одлуката на Меркел и ја обвинува Франција дека промовира исламофобија со ставовите на претседателот Макрон кон Албанија и Босна.

Во текст објавен во Политико, португалскиот експерт кој е автор на повеќе книги и анализи за односите на Европа со Русија и кој работи во десничарскиот американски институт Хадсон, оценува дека ветото на Макрон се должи на стравот од зголемување на бројот на муслимански земји во ЕУ.

Вистинската причина што Макрон се спротистави на преговорите е што Албанија е мнозински муслиманска земја, а „Северна“ Македонија има многу големо и политички активно муслиманско малцинство. Ако погледнеме повнимателно, може да се забележи силна анти-муслиманска нишка во надворешно-политичките одлуки на Макрон. Во неговото интервју за Економист, тој рече дека вистинскиот проблем на Балканот е Босна, која е буре барут со џихадистите кои се враќаат во оваа земја од Сирија. Макрон можеби не е вулгарен исламофоб – а Франција е полна со такви – но изгледа дека е се поубеден во тоа дека на Европа и се заканува опасноста да биде проголтана од Исламот и поради тоа сака да ја затвори вратата за Турција, за „опасната“ Босна и Херцеговина, за Албанија и за „Северна“ Македонија, додека и се додворува на христијанската Русија, вели Макаис.

За време на октомврискиот самит во Брисел, повеќе земји членки на ЕУ побараа Македонија и Албанија да бидат раздвоени, идеја која ја поддржа и претседателот Макрон, но која беше пречекана на нож од страна на Германија и Италија. Прашање е колку македонската Влада самата работела во оваа насока. Претседателот Пендаровски единствен јавно се заложи за оваа опција, но набргу потоа го повлече овој став откако се соочи со критика од албанскиот премиер Еди Рама кој го потсети дека беше избран за претседател со гласови на етничките Албанци. Премиерот Заев пак, за проширувањето на ЕУ зборуваше главно во множина, и никогаш не се изјасни за раздвојување на двете земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.