Демократската партија на Албанците (ДПА) во Тетово вечерва одржа централен митинг на кој ги претстави поголем дел од 14 кандидати за градоначалници што партијата ги има предложено за локалните избори.

Сади Беџети, кандидат за градоначалник на Тетово пред присутните истакна дека градот е место на политичката елита, културен, спортски, економски центар, но со недостиг на вода за пиење, со нечистотија, сообраќаен хаос, без зеленило и е потребно животот на граѓаните да се подобри.

– Денес сум пред вас за да ве осигурам дека заедно може да го направиме Тетово, градот што го сакаме. Град со кој ќе се гордеат сите граѓани без поделби. Времето е сега, за да се аплицира нова можност, креативност и енергија, за соочување со проблемите кој ги мачи секој граѓанин. Модерен водовод со резервоар, детална студија за сообраќајот, паркинг места на сите четири влезови во градот, јавен превоз со автобуси, целосно чистење на градот, одредување на неколку точки за рециклирање на сметот, со кој ќе може секој граѓанин да допринесе за чист град, Доста е реките и нивите да бидат претворени во депонии. Парк во центарот на Тетово кој ќе му даде да дише на градот, граѓаните и децата. Подземен паркинг, развој на Попова Шапка, истакна Сади Беџети.

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи истакна по победата на партијата многу работи ќе се променат.

– Во последните пет години поминавме тешко време како партија ова не е нова вест, ние фазите постојано ги поминуваме. Тука сум да ви се заблагодарам, што гласате за ДПА. Планот на противниците беше да згасне ДПА да и се исече главата, па Албанците во Македонија да бидат различни групи. 20 години ДУИ и Али Ахмети се на власт, нема да ви дадам друг аргумент, нашиот народ е оштетен од економски аспект, знаете дека Албанците во Македонија беа економски посилни и од Албанците во Косово и од Албанците во Албанија. По 20 години сме на последно место. Јас го посетив секое населено место. Секаде ми кажаа дека 80% од младото население заминало надвор. Имаме проблем да им објасниме на луѓето дека ние сме поинакви. Јас мислам дека не чекаат подобри денови, убеден сум дека професор Сади Беџети ќе победи. На кандидатите да им ја дадеме силата на ДПА, сите Албанци што последнава година сум ги сретнал, и што гласале за ДУИ, и што не гласале за нас, сите со еден поглед ме прашале, и сум одговорил со поглед дека волјата доаѓа од вас народот, истакна лидерот Мендух Тачи на митингот на ДПА во Тетово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.