По вестите дека викендов следува полициски час од 17 часот, од Министерството за здравство потврдија дека е можно да следува викенд во кој ќе има порестриктивни мерки за заштита, но дека тоа ќе зависи од бројот на заболени и хоспитализациите во деновите до петок.

Во меѓувреме, функционери од СДСМ гледаат на секој начин да избегаат од Македонија – кој од обврските, кој од одговорноста.

Па така денеска прво пристигна веста дека вицепремиерот Љупчо Николовски задолжен за борбата против корупцијата викендов со сопругата заминал на одмор во Дубаи. Како што дознава „Нетпрес“, Николовски преку Белград полетал за Дубаи заедно со директорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Станковиќ, кој исто така бил придружуван од сопругата.

Со семејството сум на годишен одмор во Мексико, нема место за сензација, вели во изјава за „Фокус“ поранешниот генерален секретар во Владата и советник во Владата, Драги Рашковски.

Нема место за сензација, на годишен одмор сум во Мексико. Заминавме на 14-ти и таму ќе бидеме до 31 овој месец. Три години не сум бил на одмор, на сопругата ѝ е роденден. Следам сѐ што се случува, вели Рашковски.

Претходно вработен на граничниот премин во ВИП одделот на аеродромот на ТАВ во Скопје за „Лидер“ открил дека им било наредено Рашковски да го протнат низ ВИП одделот на аеродромот.

Попладнево премиерот Зоран Заев по прес-конференцијата во седиштето на СДСМ рече дека не знае дали Рашковски е надвор од земјава, дека утре ќе провери и ќе ѝ соопшти на јавноста.

Како што истакна Заев одговорајќи на новинарски прашања, секој има право на одмор, но и да одлучува сам.

Верувајте, јас за сите вработени или ангажирани во Владата ниту се обидувам да имам контрола, ниту знам. Тие си имаат право на свој одмор, право на одлучување. Предмалку стигнав од Луксембург. Не знам. Денеска имав состанок само со министерот за земјоделство, преземаме одредени активности за тутунот, се слушнав и со министерот Филипче со кој подоцна ќе имам состанок за новите состојби во здравството и секако, со дел од мојот Кабинет заради тековни активности. но, јас ќе проверам уште утре и ќе ја соопштам информацијата, истакна Заев.

Пред неколку недели, пак, медиумите пишуваа дека на фамозниот лет за Занзибар, од каде се вратија неколкумина заболени, бил и дедото на министерот за здравство Венко Филипче, додека една од заболените била началничка во битолската болница од семејство блиско до СДСМ.

Мора да се трошат провизиите, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по веста за одморите на функционерите од СДСМ.

Медиумите пренесуваат дека Рашковски е во Мексико, а Николовски во Дубаи, додека луѓе умираат од корона и глад.
Граѓани додека умираат поради неспособноста на власта, во Владата нема кој да работи.
Нема одговор од владата за типот на патувањата и дали тоа е точно.
Криминалот цвета, мафијата хара низ улиците, а не се знае дали Рашковски ужива во Мексико, а Љупчо Николовски ужива со народни пари во Дубаи, реагираат од партијата.

Денеска нови 24 лица го загубија животот во борбата против коронавирусот, со што вкупната бројка се искачи на 3.364.

Но, можеби ни е само перцепција дека состојбата повторно ќе ексалира, а вакцини нема. Можеби ни е перцепција и дека над 55 илјади останаа без работа за време на пандемијата. И можеби ни е перцепција дека следува уште еден фалсификат од власта, овојпат во облик на попис.

Можеби ни е перцепција дека за некого оваа земја засекогаш ќе биде маќеа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.