Kоординаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, и поранешен градоначалник на Општина Чаир во гостување во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ изјави дека во партијата има разлики, како политички така и во други конотации, но дека со оглед на тоа што има состојба со епидемија во која никој не треба да придонесува да се влоши ситуацијата, се прават обиди да бидат решени разликите и проблемите кои во ДУИ реално постојат.

Нема ништо лошо да се констатира дека има проблеми и разлики, но тоа со дебата и дијалог треба да се реши. Разликите се и концептуални и политички. Сакаме да се почитува принципот на медиокрација, ДУИ да го оствари она што го ветил, што е една од причините што сме најголем претставник на Албанците во земјава – изјави Меџити.

Тој информира дека за локалните избори се прават анкети, се гледа како котираат луѓето и смета дека истотото тоа треба да биде принцип и за луѓето кои не претставуваат.

Ова не е експертска Влада, не е техничка Влада, ова е политичка Влада и таму треба да има луѓе кои што имаат легитимитет и кај народот и кај членството и треба да котираат добро и на анкетите – изјави Меџити.

Тој појасни дека за него и за ДУИ партнер е Зоран Заев и СДСМ.

Направивме многу досега, не чека уште многу работа и мислам дека сме на прав пат да ги заокружиме овие работи кои ќе дадат нова перспектива на граѓаните на земјава – изјави Меџити.

За пописот, Меџити вели дека најдено е решение за главниот проблем кој доведе до пропадниот претходен попис. Според него, во основа, може да има само технички проблеми или грешки, а не и грешки од политички карактер. Меџити потенцира дека крајно време е да се одржи пописот кој, како што рече, е битен за економски анализи, за развој на државата. Тој смета дека дијаспората е заинтересирана, влезена е во процесот и изрази надеж дека се надминати техничките проблеми кои ги имало на почетокот.

Меџити потсети дека ДУИ е прва албанска партија која не останала на страна и барала да има активно учество и да даде придонес во преговорите со Грција, а и сега во преговорите со Бугарија.

Ова е прашање кое и нас не тангира како Албанци во нашата држава. Потегот на Радев не е добар пример, но имаме предвид дека се во предизборие. Треба да гледаме стратешки кон ова и да не дозволиме да изгубиме нови 20 години. Ние немаме друга алтернатива, ЕУ е единствената – изјави Меџити.

Прашан за евентуалната смена на долгогодишниот лидер на ДУИ, Меџити потсети дека на редовниот конгрес на ДУИ, што се одржа лани, Ахмети беше едногласно избран.

Се очекува уште повеќе години да биде на чело на партијата, немаме дилеми околу тоа – изјави Меџити и додаде дека треба да се работи екипно, да се поделат задачите, а останатото се нормални разлики. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.