За ликот и делото на првиот поглавар на возобновената МПЦ-ОА, деновиве сè повеќе се слуша во јавноста. Од скоро посетителите на Маврово имаа можност да видат паноа, билборди на кои е ликот на г.г. Доситеј, на кои е испишана порака. Вниманието на јавноста го привлече и објавувањето обемна монографија со биографска содржина за овој црковен достоинственик.

Билбордите и паноата се поставени во чест 115 години од неговото раѓање. Иницијативата е на Екопромотивен центар г.г. Доситеј (здружението за развивање промоција и едукација Дедо Доситеј).

Поставувањето беше одбележано со симболичен собир и помен литургија непосредно до црквата „Св. Никола“ (потопената црква), а почитувачите на делото на возобновувачот на МПЦ го одбележаа (5 декември) денот на неговото раѓање.

По тој повод МИА разговараше со Душко Шарески, претседател на здружението за развивање, промоција и едукација г.г. Дедо Доситеј. Шарески смета дека Маврово има уште еден и многу значаен аргумент за да биде незаобиколна дестинација за посета и место на поклонение на православните верници. Селото Маврово е родното место на г.г. Доситеј, возобновителот и прв поглавар на возобновената Охридска архиепископија – Македонска православна црква.

Иако мавровскиот крај изнедрил многу значајни лица за македонската историја, една од најзначајните фигури сепак е г.г. Доситеј. За жал, тоа во пошироката јавност не е многу познат факт. Тој човек направил многу за македонскиот црковен живот и воопшто за македонскиот народ. Неговата преданост кон црквата и православието се доволно големи за да заслужат чествување – вели Шарески, које претседател на здружението за развивање промоција и едукација г.г. Дедо Доситеј.

Здружението, во спомен на г.г. Доситеј во рамките на активностите досега во соработка со Федерацијата на планинарски спортови, годиниве наназад организираше планинарски маршеви по падините на Бистра и околните планини. Таква е планинарската тура од манастирот „Св. Пантелејмон“ во Ниќифорово – „Св. Ѓорѓија“ во Кнежино – „Св. Богородица Пречиста“ во Кичевско.

Ние како здружение планираме и работиме на формирање своевидни клубови кои ќе го негуваат делото на г.г. Доситеј. Секако дека издавањето монографија е за поздравување, но потребно е и останатите институции да се приклучат и да се надгради она што ние сме го започнале. Во контактите со одговорните во МПЦ предложивме во секоја црква да стои неговиот портрет со порака и очекуваме тоа да биде прифатено – вели Шарески.

Тој како активен планинар и туристички работник смета дека во промоцијата на мавровскиот регион и во туристичката понуда, неизоставно треба да се вметне посебна содржина за запознавање со духовниот живот, кој, како што вели, е доминантен белег.

Сметам дека односот како на државата така и црквата кон возобновителот и прв поглавар на возобновената Охридска архиепископија – Македонска православна црква треба да биде подостоинствен. Овој духовник заслужува поголема почит. За почеток тоа може да биде спомен-соба и спомен-обележје на местото на неговата родна куќа. Тоа ќе биде поттик за дополнително афирмирање на вредностите на делото на г.г. Доситеј – подвлекува Шарески.

Како дел од идеите кои би придонеле во промоцијата, Шарески посочува на отворање спомен-куќа со црковна библиотека, во која ќе бидат изложени пораките на г.г. Доситеј, лични предмети и експонати врзани за животот на поглаварот. Тоа би бил само еден сегмент. На ова, според Шарески, можат да се додадат и други содржини, како собири и манифестации, кои би привлекле посетители и верници.

Богатиот животопис на г.г. Доситеј почнува на почетокот од минатиот век. Роден пред 112 години (7 декември 1906 година) со крстено име Димитар Стојкоски како четврто дете од осумте во семејството на Лазар и Софија. Богатиот духовен живот започнал со неговото замонашување во 1924 година. Г.г. Доситеј останал на Света Гора до 1932 година. Подоцна по Втората светска војна ќе биде крунисан со изборот за прв поглавар, устоличен во архијерејскиот трон на св. Климент (4-5. X 1958) со титула архиепископ охридски и скопски и прв митрополит македонски, а на 17 август 1967 година на прогласувањето на автокефалноста, архиепископот Доситеј ќе стане поглавар на МПЦ.

Тој со МПЦ ќе раководи 23 години, сè до неговото упокојување на 20 мај 1981 година. Тој е заслужен и за возобновување и формирање на сите нејзини витални органи на МПЦ: епархиите, епископатот, свештенството, црковните општини во татковината и во дијаспората, црквите и манастирите, отворање на Богословијата, Богословскиот факултет во склоп на УКИМ, изградбата на соборниот храм во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.