Сертификатите за примена вакцина кои матични лекари треба да им ги издаваат на вакцинираните пациенти им го отежнуваат работењето на матичните лекари, им трошат хартија и тонер, а им прават и дополнителен метеж на шалтерите и во ординациите, вели во изјава за „Слободен печат“ претседателката на Здружението на матични лекари, д-р Лилија Чолакова Дервишова.

Вакцинираните пациенти треба да добиваат сертификат за примена вакцина уште на самиот пункт за вакцинација. Во секој пункт за вакцинација има мрежни принтери што овозможува да се издаде сертификатот. Нас ова не само што ни прави метеж во ординациите, туку ни претставува и дополнителен трошок. Капитацијата не е осмислена да покрива вакви енормни трошоци, ние едноставно како да сме административци на Фондот за здравство, вели д-р Чолакова Дервишова.

Прашана дали има можност за злоупотреба, односно дали може матичниот лекар да издаде сертификат за примена вакцина на невакцинирано лице, Чолакова одговара дека тоа не е можно, освен ако некој не направи хакерски напад на веб страницата на „Мој термин“.

Веб страната „Мој термин“ ги објавува податоците за вакцинирани лица, ние тоа го следиме и врз основ на тие информации го „симнуваме“ сертификатот и го печатиме, објаснува Чолакова.

Сертификатите се двојазични, на македонски и на англиски јаизк, што овозможува поголема достапност на информации за граѓаните кои сакаат да патуваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.