Вакцина против Ковид-19 досега примиле 26 014 граѓани, стои на онлајн платформата kovid19vakcinacija.mk на која граѓаните може да се информираат за вакцините, процесот и фазите на вакцинација. На веб страницата vakcinacija.mk за вакцинација се пријавиле 154 248 граѓани.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека вакцинацијата во државата се одвива добро, околу 25 000 граѓани се вакцинирани во салата „Борис Трајковски“, а денеска, како што посочи, завршува вакцинација на вработените во критичната инфраструктура, согласно националниот план.

-Од среда, останатиот дел од 20 000 вакцини на „Спутник“, ќе бидат распределени по возрасни групи, рече Филипче.

Тој посочи дека вакцинацијата со останатите вакцини на „Спутник“ од денеска ќе се одвива исто како што се одвива вакцинацијата од почетокот со вакцината на „Астра Зенека“ по вакциналните пунктови. Министерот Филипче упати апел до сите граѓани да се пријават на сајтот за вакцинација „vakcinacija.mk“, со цел сите податоци на пријавените граѓани влезат во системот „Мој Термин“ и на тој начин да бидат регрутирани.

-Освен овој систем, кој исто така важи е и преку пријавување кај матичните лекари, кои имаат обврска да ги анкетираат своите пациенти, посебно постарите, кои треба да го изразат интересот за вакцинација. Значи од среда вакцинацијата ширум државата продолжува по возрасните категории, како ќе доаѓаат понатаму вакцини, ќе се надополнуваат двата системи, додаде Филипче.

Приоритет имаат постарите граѓани, но продолжуваат и во делот на критичната инфраструктура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.