Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, вели дека ништо нема да се промени во односот на Софија кон Скопје. Според Ѓорчев, треба да се промени односот за барање компромис за прашања за коишто Македонија „не смее” и „не треба” да преговара.

По објавените резултати од изброените 95,22% од глассовите, сосема е извесно дека политичката состојба во Бугарија останува многу сложена, во поглед на формирањето парламентарно мнозинство, коешто ќе обезбеди формирање нова политичка влада. Водството на партијата „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов, со сосема мала предност пред десната коалиција ГЕРБ/СДС (односот на силите во парламентот би бил 65 наспрема 63 пратеника), создава нови нејаснотии на бугарската политичка сцена. БСП останува трета партија со можни 41-42 пратеника во парламентот. Демократска Бугарија е на четврто место со 37-38 пратеника. На петто место е ДПС (партијата на етничките Турци во Бугарија) со 32 пратеника и шеста партија којашто го помина парламентарниот праг е „Исправи се Бугаријо-мафија надвор“ со 13 пратеника.

Едно е сосема сигурно, новата политичка влада ќе биде без учество на коалицијата ГЕРБ/СДС. Никој од политичките партии нема да се согласи да биде партнер со ГЕРБ и да ги покрива политичките грешки и економските дубиози направени во нивното 11-годишно владеење. За другите пет политички партии во парламентот се можни три сценарија – анализира за „Дојче веле“, македонскиот политичар со дипломатско искуство, Марјан Ѓорчев.

Според него, првото сценарио е партијата на Слави Трифонов да ја профилира конечно својата идеолошка матрица и да го дефинира своето место во линеарниот спектар на бугарската политичка сцена – во центарот, десно или лево? Од тоа ќе зависи дали таа партија ќе има можност да коалицира со партиите од Центарот – ДПС и „Демократска Бугарија“ или со партиите од левиот блок – БСП и „Исправи се Бугаријо“.

Како второ, можно е формирање и на концентрациона влада без коалицијата ГЕРБ/СДС, од сите пет парламентарни партии, доколку претседателот Румен Радев се реши да влијае со својот огромен авторитет при формирање на новата политичка влада. И трето, доколку Слави Трифонов не покаже завиден политички капацитет, можно е да продолжи мандатот на техничката влада на претседателот Радев, што би значело вовед во уставна криза во Република Бугарија.

Ѓорчев, кој беше македонски амбасадор во Бугарија од 2016 до 2020 година, во периодот на најфреквентните случувања во македонско-бугарските односи, вели дека во односот на Софија кон Скопје нема да се промени ништо.

Македонската држава досега не разбра дека бугарската геостратегија, геополитика и конструирана национална еуфорија кон поимот, топонимот Македонија, кон етнонимот Македонец, но, пред се односот кон суверената и независна македонска држава, не е плод на краткорочна бугарска политика по потпишување на Договорот за пријателство, собрососедство и соработка на 1 август 2017 година. Се работи за политичка и научна доктрина фундирана уште во далечната 1886 година, со постепено преформатирање на таа доктрина во зависност од општествено-политичкиот систем во Бугарија (кнежество-царство, социјалистичка држава или парламентарна демократија) – вели поранешниот дипломат.

Ѓорчев смета дека „треба да го промениме нашиот однос во постојано барање некаков компромис за прашања за коишто Македонија „не смее“ и „не треба“ да преговара.

Нашата правна рамка за преговори со Унијата е нашиот Договор за европско партнерство со Унијата и Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА). Тука треба да ги фокусираме нашите напори, преку исполнувања на десетте поглавја на ССА, да прогресираме во реформските проекти, но, истовремено треба да се грижиме за нашите македонски граѓани и да обезбедиме за нив преференции во слободното движење на капитал, стоки и луѓе, со цел за нивен слободен престој, студирање,тргување, работа и можност за нивно учество на странските пазари на капитал. Тоа е нашиот европски пат – вели Ѓорчев.

И додека се чека големо европско „Да“ за отпочнување на преговори со Унијата, земјата треба да ја сработи својата задача – македонското општество структурно да се преформатира, но, со должна напомена кон Унијата, дека нема „структурни реформи“ без „структурни пари“.

Жртвите што ги поднесоа македонските граѓани во името на тие реформи се преголеми. Имаме нужност од европска финансиска поддршка, за да го усогласиме нашиот институционален систем со правниот, политичкиот и административниот институционален систем на Унијата, но и да го сочуваме достоинството и стандардот на македонските граѓани – вели Ѓорчев.

Повеќе на „Дојче веле“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.