Министерот за правда Бојан Маричиќ, во своето обраќање на двете работни сесии на средбата на министри, која се одржа денеска во рамки на министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан, во Брдо – Крањ, порача дека проширувањето на ЕУ треба повторно да биде ставено во фокусот.

На овогодишниот декемвриски самит на Советот, се надевам на отпочнување на процесот на проширување, со донесување консензуална одлука за отворање на пристапните преговори и одржување на Првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија – изјави Маричиќ откако го сподели се она што е реализирано во рамки на Стратегијата за реформа на правосудството пред колегите од Западен Балкан и претставниците на ЕУ меѓу кои и еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс.

Набројувајќи ги сите усвоени клучни стратешки документи за понатамошно подобрување на работата на судиите/обвинителите како и обезбедување на нивната независност од потенцијалниот надворешен и внатрешен притисок, како што информираат од неговиот кабинет, Маричиќ најави дека веќе е во процес на изработка на нова Стратегија за периодот 2023-2027 година.

Во делот на владеењето на правото и реформите кои се однесуваат на процесот на создавање независен, непристрасен и ефикасен судски систем кој ги исполнува европските стандарди, Маричиќ се задржа на важната улога на Академијата за судии и јавни обвинители во процесот на спроведување на почетната обука и континуираното професионално усовршување на судиите и обвинителите во Република Македонија.

Мој личен став како министер е дека примарно и најважно што можеме да преземеме за да се испорача правдата и нашите граѓани да имаат доверба во нашите правосудни системи е да вложуваме во квалитетна и професионална обука на професионалците кои влегуваат во правосудниот сектор – изјави Маричиќ.

Во фокусот се најде и дигитализацијата на судството за која Маричиќ вели дека е повеќе од потребна во борбата против корупцијата.

Кога се дигитализираат повеќе процеси, се намалуваат шансите за човечко влијание. А тоа, според мене, дава дополнителна вредност на целиот процес и напори што ги правиме. За тоа ни се потребни судии, обвинители и судска администрација кои постојано ќе се надоградуваат следејќи ги програмите и обуките на Академијата за судии и јавни обвинители, што е и една од задачите на Академијата – вели Маричиќ.

Како што информираат од неговиот кабинет, Маричиќ, на крајот испратил порака дека се направени позитивни промени во правосудството во духот на европските вредности и дека очекува ЕУ партнерите да го наградат тоа давајќи им на Македонија и Албанија датум за отпочнување на преговорите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.