Ова е голем ден за правната држава и за владеењето на правото, вака министерот за правда Бојан Маричиќ го оцени денешното донесување пресуда за слуачјот „Таргет-Тврдина“.

Според Маричиќ, по шест години и многу опструкции, случајот денеска доби судска развршница. Тоа е важно и за државата и за општеството. Владата создаде законски услови и политичка клима судот да одлучува слободно и врз основа на докази.

Како што рече Маричиќ во гостувањето на ТВ Сител, ако некој пред една година се прашуваше зошто беше важно да се донесе Законот за јавно обвнителство, денеска доби одговор.

„Таргет-Тврдина“ е мајка на сите случаи на СЈО, но треба да се потсетиме како почна оваа приказна. Пред шест години беа објавени прислушуваните разговори, па следуваа политичката криза, Шарената револуција, создавањето на СЈО, истакна Маричиќ, додавајќи дека патот за разрешувањето на случаите се отворил уште со носењето на законите во 2019 година.

Според него, Јавното обвинителство треба да и соопшти на јавноста каде потфрлил системот во врска со „бегството“ на Мијалков. Маричиќ, лично, како што рече, не чувствува одговорност.

Слушнав дека Јовевски наредил отворање истрага за случајот бегство на Мијалков, назначил јавен обвинител кој треба да ги испита сите околности. Мислам дека редот е Јавното обвинителство со сите свои сили, инструменти и достапни информации да креира слика и да и ја соопшти на јавноста. Министерот Спасовски претпоставуваме знае како оделе работите во оперативниот дел на МВР, но ако го тераме институционално, местото е ЈО и добро е тоа да си ја заврши оваа работа заради јавноста, но и заради системот, за да утврдиме каде се слабостите и за да не ни се повторуваат ваквите ситуации, нагласи Маричиќ.

Во својот неколкумесечен мандат, дополни, максимално ги реализирам своите обврски поради што не гледам во ниту една точка причина за некаква негова одговорност.

Работата на Министерството за правда е да помага во регулација на законите, да им помага на судовите да добиваат повеќе ресурси од државата и секако, да креира политичка клима за правично судење и независно судство. Мислам дека во овој мој неколкумесечен мандат тоа максимално го правам. Предусловите се тука, судството треба да дејствува преку своите механизми. Јас не гледам во ниту една точка причина за моја одговорност, а секогаш сум подготвен, а и опозицијата има поднесено интерпелација, па ќе имаме прилика да разговараме во Собранието, во секое време, а и вчера имаше пратенички прашање за да утврдиме каде точно јас како министер би требало да сносам одговорност, рече Маричиќ.

Тој се согласува дека нашиот правосуден систем не е идеален и дека има слабости.

Се согласуваме дека системот има слабости, но она што е различно е што Владата демонстрира политичка волја и демократски капацитет сите случаи да добијат институционална разврска. Има слабости кои излегоа на виделина, но државата сепак покажа дека има капацитет преку правните и институционалните механизми да го овозможи присуството на обвинетите или Мијалков да биде достапен денеска на седницата на која се читаше пресудата, подвлече Маричиќ.

Во врска со протестите за  „Монструм“, министерот оцени дека ако судот вторпат одлучил исто, тогаш тука за политика нема место. Треба само да извлечеме поука – да се чуваат меѓуетничките односи, животите на младите и да бидеме внимателни при вакви опасни ситуации во општеството.

Ова е еден од најтрагичните во нашата правосудна историја. Ова двојно судење конечно има судска разрешница. Знаеме дека имаше многу индикации и барања и од семејствата на жртвите и од семејствата на сторителите за повторување на постапката. Она за што се залагаше Владата, СДСМ, а мислам и ДУИ, беше да се обезбеди повторно судење, без прејудицирање каков ќе биде исходот. Ако судот повторно врз база на сите докази, дошол до истиот заклучок, не треба политиката да прави ништо, рече Маричиќ.

На прашањето дали може да се очекува екстрадиција на двајцата осудени кои се во бегство на Косово, министерот повтори дека барање за нивно испорачување во земјава е веќе испратено, и од него и од претходната министерка за правда, Дескоска.

Имам побарано екстрадиција, има побарано и Дескоска, сум имал и разговор со мојот косовски колега, требаше да оствариме средба, но заради тамошните избори не успеавме. Постапуваме еднакво во сите случаи, за сите осудени кои се во бегство. За сите нив бараме екстрадиција, не знам зошто ова би било исклучок, подвлече Маричиќ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.