Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во Брисел заедно европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, се сретнаа со учениците од Македонија и од Бугарија, кои во рамки на студиската посета имаа можност да се запознаат со работата и функционирањето на Европскиот парламент.

– Секогаш ме радуваат иницијативите кои создаваат нови пријателства, искуства, нови знаења и развиваат добрососедски односи. Младите од Македонија и Бугарија покажаа дека знаат да градат мостови кои ќе ги поврзуваат двете држави и се одличен пример дека преку образованието може да се градат соработка и нови проекти кои ќе им донесат нови можности, рече вицепремиерот Маричиќ пред учениците, соопшти СЕП.

Домаќинот на овој настан, европратеникот Ќучук, со вицепремиерот Маричиќ порачаа дека она за што работат и за што се борат е да отворат нови можности за младите од двете земји кои сите разлики ќе знаат да ги надминат во духот на европските вредности.

-Мораме да градиме мостови меѓу двата народа, а не да подигаме ѕидови. Вие сте иднината на нашите две земји и примерот што го давате е значаен за добрососедските односи. Верувам дека ќе продолжиме да ги развиваме и ќе постигнеме многу со заеднички напори, рече Ќучук.

Маричиќ, се посочува, изрази верување дека во иднина ќе има уште повеќе вакви иницијативи, на кои младите од двете земји ќе другаруваат, соработуваат и со меѓусебно почитување ќе напредуваат и ќе носат успеси за своите држави.

Ученици од две збратимени училишта, од Скопје и од Велико Трново, денеска го посетија Европскиот парламент во Брисел, во рамки на заеднички проект, кој има за цел да создаде мостови меѓу младите од двете соседни земји.

Оваа посета на Брисел следува после изложбата што беше организирана во ОУ „Исмаил Ќемали“, Скопје каде што учениците од ова училиште и од ООУ „Бела Благоева“ од Велико Трново, Бугарија, имаа задача да нацртаат она што најмногу ги воодушеви од Република Македонија, а децата од Република Македонија, она на што се сеќаваат и им се допадна во Бугарија, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.