Министерот за правда, Бојан Маричиќ ќе се залага за отворени кандидатски листи, иако вели дека одлуката сепак зависи од партиите во Собранието.

Тоа е закон кој иако се носи со апсолутно мнозинство, добрата воспоставена пракса на политички дијалог укажува на тоа дека се носи со консензус. Од СДСМ има определба за една изборна единица, но зависи од волјата на останатите. Тоа е системска промена која треба да има консензус околу неа за да можеме да ја спроведеме. Доколку сите партии или главните, клучните со најмногу пратеници во Собрание се согласат околу оваа реформа, ќе ја вградиме, рече Маричиќ.

Според Маричиќ, директниот избор ќе значи поголема врска на избраните со нивните сограѓани, наместо силна врска и зависност само од политичките партии.

Тој додаде дека очекува на следните локални избори да се гласа со отворени советнички листи.

Верувам дека може да постигнеме согласност за наредните локални избори во октомври да овозможат еден степен повеќе на демократизација, односно листите да бидат отворени и да се гласа со преференцијални гласови. Тоа ќе биде еден чекор напред кон желбата и определбата којашто ја имавме пред овие избори, за сосема отворени кандидатски листи и за една изборна единица, додаде Маричиќ.

Министерот на денешната прес-конференција зборуваше за приоритетите и главните заложби на Министерството за правда и најави реформи и прочистување на правосудството.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.