Министерот за правда, Бојан Маричиќ на својот Фејсбук профил го поздрави, како што вели тој херојскиот чин на пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска која е позитивна на коронавирусот, а во Собранието се појави во целосна заштитна Ковид-19 опрема, со цел да присуствува на седницата на која е предвидено да се усвојат законите за петтиот пакет финансиски мерки.

Во сите цивилизирани парламенти во Европа и нашиот регион веќе се работи на онлајн седници во различни форми. Дури и Европскиот парламент со преку 800 пратеници е целосно дигитализиран со онлајн заседанија на комитетите, на пленумот и со онлајн гласање. Тоа го направија сите затоа што е насушна потреба и човечки пристап во услови на долготрајна пандемија која ги засега сите, пишува Маричиќ.

Министерот Маричиќ ја обвини опозицијата дека го спречува собранискиот Деловник, со цел да се овозможи онлајн присуство на пратеници позитивни на вирусот и се радуваат на секој нов заразен пратеник од парламентарното мнозинство зашто тогаш, како што вели тој настапуваат со нивната точка „играчки со кворумот“.

-Практично оние заради кои тешко функционира Собранието го обвинуваат мнозинството за нефункционалност. Но, некои пратеници не заборавиле зошто се избрани. Бисера и многу други и во вакви тешки услови не забораваат дека се таму за да им служат на граѓаните и да носат одлуки во нивна полза и во тешко време. Пратениците на опозицијата пак мислат дека се таму за да блокираат, бојкотираат, трошат ресурси бесцелно само за лични и партиски цели (зашто само со блокади и бојкоти се чувствуваат важни немајќи да понудат никаква идеја и политика за граѓаните), пишува Бојан Маричиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.