Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 91. седница ја заврши расправата за Извештајот за напредокот на земјата за 2022 година.

Дебатираа главно опозициски пратеници, кои повторија дека сме добиле пониска оценка од лани, како и дека во повеќе области нема напредок, но и дека актуелната Влада не спроведува реформи. Вицепремиерот Бојан Маричиќ на седницата ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека изнесуваат многу паушални оценки, дека во споредба со 2016 година ситуацијата е многу променета и ја повика опозицијата да се вклучи во решавање на проблемите.

Прво и основно немало ситуација во која што сум бил повикан од Собранието за точка на дневен ред, а не сум присуствувал. Тоа не е точно, кога и да требало сум бил тука и секој понеделник мојата работа почнува во Собранието. Второ, во однос на оценките мислам дека ако сакате веќе да направиме споредба како било и како е, јас минатиот пат читав делови од Извештајот. Ќе ви повторам сега пак за да се уверите и сами, рече Маричиќ.

Цитираше дел од Извештајот во 2016 година каде се споменува заробена држава и влијанието врз работата на институциите.

Значи имаме драстична ситуација од тоа што беше тогаш и од тоа што имаме денес, денес немаме вакви оценки, имаме секаде определен напредок и има многу проблеми, меѓутоа спремни сме на нив да работиме и мислам дека опозицијата треба што поскоро да се вклучи во решавањето на овие проблеми наместо само во изнесување на паушални оценки, рече Маричиќ.

Во однос на задолжувањата, има една разлика задолжувањата денеска се користат за ублажување на сите кризи и помош на граѓаните, а во време кога власт беше ВМРО-ДПМНЕ се трошеа за споменици, за непродуктивни трошоци.

Пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека опозицијата и граѓаните посакуваат ваков Извештај повеќе да не се повтори, како и дека нам ни се потребни реформи.

Едно сум сигурна дека оваа Влада нема капацитет да спроведе реформи, заради тоа што после една година сите препораки кои беа дадени во извештатите вие како Влада не ги почитувате и не ги спроведувате. Посакувам позитивен извештај. Многу подобар, како тоа што беше во времето на ВМРО-ДПМНЕ, да се радуваме како на визна либерализација, на успеси а не на падови. Народот заслужува многу подобар живот, кој што вие не го донесовте, а палевте, уништувавте по државата. Не поместивте ни камче, не заковавте ни шајка, единствено што донесовте е само висок степен на корупција и криминал. Ќе има одговорност за се, ќе си одговарате, рече Петрушевска.

Маричиќ одговори на обвинувњата посочувајќи дека Петрушевска учествувала „во изгубената декада на евроинтеграции на ВМРО-ДПМНЕ“.  

Да се извинам јас на ВМРО-ДПМНЕ? Вие треба да се извините и како партија и како пратеник затоа што кога отворивме дијалог во ова Собрание вие свиревте со музели, го палевте овде на оваа говорница францускиот предлог, го киневте секој говорник поединечно и не дозволувавте да се развие дискусија. Јас знам дека не ви одговара оваа дебата, ама мора да ја направиме, рече Маричиќ.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ треба да се извини за 11-те изгубени години, за двете замрзнати препораки, што не раздвоија и од Србија и од Црна Гора, и од Хрватска и од сите држави коишто преговараа заедно со нас, а денес се веќе далеку пред нас.

Далеку се пред нас затоа што вие решивте да градите споменици на безнадежности, споменици како Ќосето што сакате и денес да го вратите на место. Фала богу тоа нема да ви успее затоа што тоа се споменици на вашата изгубена деценија во која што немавте ниту еден успех на полето на евроинтеграциите. Напротив, имавме замрзнати препораки, имавме специјален извештај на Прибе заради заробената држава и имавме политичка криза од која што не можевме две години да излеземе, рече Маричиќ.  

Министрите на ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, ги нарекувале во Брисел „министри за дезинтеграции“, наместо министер за интеграции.

Треба да признаете дека таа изгубена декада се уште не можеме да ја надоместиме колку и да направиме, рече Маричиќ додавајќи дека наместо вакви празни говори пратениците треба да разговараат како да ги направат реформите подобро. 

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО -ДПМНЕ рече дека ако во 2009 година просечната оценка е 2,52 во 2022 била 1,61.

Не велам дека грешката е само наша. Мислам дека во прашање е најдолгиот евроинтеграциски маратон и многубројните извештаи се отуство на стратегија за Западен Балкан, рече Силјановска Давкова.

Единствена петка во овој Извештај, вели таа, е онаа за безбедноста и надворешната политика. ЕУ си ја оценува својата работа, посочува пратеничката Силјановска Давкова, а се однесува и на нашето учество во НАТО и ставовите за војната во Украина. Пратеничката забележа дека продолжува дипломатскиот езопов јазик на ЕК и во скринингот да не одржи во евроинтеграциска кондиција.

Силјановска Давкова исто така побара до собраниската матична комисија да се достави инфомација за скринингот од ЕУ.

Опозициските пратеници, освен за Извештајот зборуваа и за актуелните состојби во одредени области посебно во правосудството, за криминал и корупција. Во однос на работата на Собранието, посочија дека повторно се носат голем број закони по скратена постапка, но и со злоупотреба на европското знаменце, не се спроведува надзорната расправа.

Лидија Тасевска од СДСМ релицираше дека пратениците од опозицијата заборавиле да кажат дека Македонија добила позитивен извештај, дека во документ стои дека имаме одржливи реформи, како и дека најдобро стоиме во кластерот фундаментални вредност, ресурси…

Правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ во текот на следните денови ќе го анализира новиот предлог закон за јавно обвинителство, а во текот на следната недела се очекува да биде договорен термин за средба

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека оценката за подготвеноста во повеќе кластери во овој Извештај е претежно иста како минатата година освен на делот за заедничката надворешна политика. Се осврна на, како што рече, речникот на ЕК за Собранието посочувајќи дека Извештајот е покритичен и дека досега има најниска оценка од ЕК.

Тоа е загрижувачки за парламентарното мнозинство за одговорноста што ја има во Собранието, рече Милошоски.

За Собранието, рече тој, има укажување да не учествува во именување или избор на лица врз политичка основа како уставни судии, да се обезбеди ефикасност со постојните закони, а не да се носат ад-хок решенија.

Во однос на другите институции, посочи на укажувањето за реформи навреме пред изборите и внимателност во двојазичноста во судските постапки.

Собранието ќе продолжи со работа во 15 и 30 часот со 100. седница.

На дневен ред на 100-та седница, меѓу другото е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за административните такси, по скратена постапка. На 103-та седница на дневен ред се предлог-законите за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка, како и за изменување и дополнување на Законот за стоковните резерви.

За денеска е закажана и 106-та седница, на која на дневен ред е Предлогот за избор на судија на Уставниот суд на Република Македонија, како и други точки, меѓу кои, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во прво читање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.