Вчера беа дијагностицирани 53 нови случаи со коронавирус, што е најголем број досега по регистрирањето на првиот случај во државава, на 26 февруари. Досега 17 лица починаа од компликации од коронавирусот, а 20 се излекувани. Бројот на заболени, како и починати секојдневно се зголемува. Заболените се од 17 градови и се вкупно 483, а најмногу се од Скопје (221), Куманово (93) и од Дебар (49).

На оваа интерактивна мапа може да погледнете каква е состојбата со Ковид-19 во Македонија по градови.

Коронавирусот не бира повозрасни, млади или деца, здрави или со претходни заболувања. Голем број лица се во изолација и самоизолација. Меѓу заразените има и здравствени работници во повеќе градови, чиј број секојдневно расте, а најмногу се од Куманово. Затворени се неколку инфективни одделенија во државава поради заболени здравствени работници.

На Универзитетската клиника за инфективни болести се хоспитализирани 61 пациент, од кои 11 се на механичка вентилација. Досега во земјава се направени 4.920 тестирања на ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека пикот на коронавирусот се очекува на крајот на месецов, со проценка бројот на заболени да достигне 2.000. Според него, коронавирусот најверојатно ќе заврши со некоја форма на колективен имунитет, во моментот се собираат повеќе податоци, се работи на вакцина, а дотогаш ќе биде присутен.

Ќе се јавуваат бранови на пациенти, но битно е растот на нови случаи да биде контролиран, за да може здравствениот систем соодветно да ги згрижи сите пациенти“, вели Филипче и ги повикува граѓаните да се грижат и за своето ментално здравје за време на кризата со ковид-19.

Следејќи ги светските искуства во лекувањето на заболените, на Клиниката за инфективни болести неодамна почна да се применува новата терапија, која е комбинацијата што ја содржи лекот хидроклор и азитромицин. Терапијата им се дава на дел од пациентите кои немаат ниту мали кардиолошки отстапувања при извршен преглед поради можни одредени контраиндикации од неа.

Во меѓувреме, во некои земји почна да се применува третманот со крвна плазма од веќе излекувани пациенти со ковид-19, што се покажал како успешен. Како што информираше министерот Филипче, од Институтот за трансфузиологија потврдиле дека може да се подготви системот за да се оддели крвната плазма од излекуваните 20 пациенти и да им се даде на заразените со коронавирус.

Станува збор за неколку публикувани случаи дека антителата може да помогнат да се излекуваат заразените пациенти. И тоа со плазма од ковалесценти кои може да ја дадат плазмата. И ние започнавме припреми на Институтот за трансфузиологија. Веќе се изготвува протоколот по кој што би требало да се земе плазмата кај овие пациенти кои што се излекувани во соодветна фаза, во соодветен период“, рече Филипче.

Тој протокол, како што најави министерот, ќе биде подготвен во понеделник и ќе се дискутира на стручниот колегиум во Институтот, потоа во рамките на експертската група во Комисијата за заразни болести и согласно резултатите кои се публикувани, ќе се даде на наши пациенти.

Во меѓувреме, граѓаните и натаму треба да ги почитуваат мерките и препораките за заштита, според кои, треба да останат дома, да не се групираат, да излегуваат само ако имаат некоја итност, да го ограничат движењето, да не контактираат многу со луѓето, да не се задржуваат во маркетите, да држат дистанца таму каде што има повеќе луѓе, задолжително да одржуваат лична хигиена, често да ги мијат рацете 20-30 секунди, да користат средства за дезинфекција или алкохолни марамчиња, при кашлање или кивање да го покријат носот и устата со марамче за еднократна употреба и потоа веднаш да го фрлат на безбедно место, а доколку немаат марамче, да ги покријат носот и устата со рака свиткана во лактот.

Граѓаните, пак, кои имаат симптоми типични за коронавирус, како температура, треска, кашлица, отежнато дишење, треба да се јават телефонски кај нивниот матичен лекар, кој преку епидемиолошка анкета ќе утврди дали треба да се тестираат. Доколку треба, преку системот „МојТермин“ тие ќе им закажат точно време и место за тестирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.