Денеска се навршуваат осум години од петкратното убиство кај Смилковското езеро. На 12 април 2012 година, Велики четврток, беа убиени петмина скопјани додека ловеле риба крај езерото.

За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. Случајот го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Долго време тензијата во јавноста во врска со ова грозоморно убиство ја држеше и тогашниот лидер на опозицијата сегашен премиер Зоран Заев кој изјавуваше дека поседува докази т.е бомби за вистината од убиството на Смилковското езеро. Сепак, тој ги сруши очекувањата на родителите на убиените момчиња.

При неговото сведочење во Кривичниот суд се постави прашањето – дали Заев ја злоупотреби болката на родителите и семејствата на убиените момчиња за гласови на изборите во 2016 година?! Дали Заев за гласови манипулираше со „Монструм“ и човечките судбини?!

Родителите на жртвите досега неколкупати апелираа до судијата Огнен Ставрев Заев да се најде на листата сведоци, за конечно да се соочат со него и со неговите лаги.

Таткото на Александар, Горан Наќевски, летото побара од Ставрев стражарно да го приведе тогашниот премиер, затоа што како политички противник на ДУИ им изнел конкретни докази за вмешаност на функционери од ДУИ во свирепото убиство. Таткото, го обвини Заев дека откако е склучена коалицијата со ДУИ тој манипулира со доказите кои што можат да доведат до вистината за „Монструм“.

-Кога бевме кај Заев рече дека ќе ни даде 6 разговори државна тајна за 6 функционери на ДУИ. Но, подоцна тие станаа 5. ДУИ тогаш беше нивни противник. Заев ни ги покажа транскриптите, ни го посочи Невзат Бејта и ни покажа транскрипт од разговор меѓу Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири. Не го исполни ветувањето, од политички причини не ни ги даде тие 5 државни тајни, рече Наќевски.

Тогашниот премиер Заев цело време  си поигруваше  со трагичната судбина на семејствата на свирепоубиените кај Смилковското езеро. Јавноста го осудуваше за манипулирање со овој настан кој ја потресе цела Македонија, а народот бара правда.

За време на “бомбите“ и долг период после тоа, Заев тогаш лидер на опозицијата ја користеше дури и оваа трагедија за да собере политички поени. Во слепата битка за власт, Заев погази по чувствата на родителите кои загубија деца на најморбиден можен начин.

За време на “бомбите“ Заев јавно изјави дека има докази со кои ќе докаже дека осудените во „Монструм“ се неправедно осудени. Потоа кажа дека грешно бил разбран. Постојано повторуваше дека “бомбата“ за Смилковско ќе открие нова вистина за случајот. На секоја прес-конференција и на интервјуата добиваше новинарски прашања кога ќе биде објавена таа снимка и тој одговараше секогаш различно. Но, тврдеше дека ќе ја открие вистината. Потоа ги обвини новинарите дека “грешно го пренеле“.

-Најверојатно станува збор за погрешна интерпретација на самиот новинар, но секако големи сомневања се врзани за овој случај. Со обелоденувањето на вистината за Смилковското езеро или проектот на Владата „Монструм“, како што го нарекоа со кривичната пријава, ќе обелодени болна вистина, рече Заев во мај 2015-та.

Бејди Ајдари, брат на обвинетиот Фејзи Азири во случајот „Монструм“ побара од тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, премиерот Зоран Заев стражано да биде спроведен во суд, за да даде изјава каква што им соопштил на семејствата на трагично загинатите кај Смилковско езеро.

– Господине министер, ако исполнувате желби, Горан Наќевски (еден од родителтите на трагично загинатите кај Смилковско езеро на 12 април 2012 год.) имаше една желба која беше јавна и искажана во судско рочиште во случајот „Монструм“, иако немаше рочиште бидејќи беше одложена по позната причина. Цитирам: „Барам премиерот Зоран Заев стражарно да биде спроведен во суд за да даде изјава онаква каква им соопштил на семејствата во неговиот кабинет“, така што сите ќе знаеме што им соопштил вашиот и наш премиер во овој случај, напиша Ајдари на својот Фејсбук профил.

Според него, симптоматично е што било соопштено дека Фејзи Азири бил преведен, а не стражарно обезбеден бидејќи тој не избегал од затворот, туку бил е пуштен на прекин од надлежните органи.

-Точно е дека Фејзи Азири не се вратил во рокот кој бил пропишан во Решението, но пред да му истече рокот за прекин, Азири бил хоспитализиран во болница, го известил телефонски директорот на Штипскиот затвор и истиот законски побарал да му се продолжи прекинот заради сериозноста на болеста која што ја добил баш во тие затвори, каде што условите за издржување на казни многу добро ви се познати, вели Ајдари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.