Мандатарот носи одлуки во интерес на граѓаните, смета Мила Царовска, министерка за образование и наука за најавената реконструкција во Владата.

На новинарско прашање дали смета дека ќе биде дел од владината реконструкција, министерката одговори дека мандатот го добива по гласање на Собранието и на предлог на мандатарот и додека е тоа така ќе ги извршува дневните активности во МОН и задачите за почнатите реформи што ќе ги подобрат образованието и науката.

Сѐ додека е така продолжувам да ги остварувам задачите што првенствено ми се дадени од граѓаните и остануваме во таа насока. Доколку има предлог од мандатарот, тој сигурно носи одлуки во интерес на граѓаните, и согласно со реализираните резултати дека тоа ќе биде прифатено, рече Царовска.

Во однос на барањето од Прогресивниот синдикат за образование при ССМ до МОН да им се дозволи на наставниците на наставнички совети сами да може да одлучуваат за моделот на настава – физичко присуство или онлајн од 1 декември до 31 март, поради сезоната на грип, состојбата со КОВИД-19, а и поради енергетската криза, Царовска одговори дека поради стабилната КОВИД-состојба во најдобар интерес на учениците е училиштата да останат отворени.

Училиштата треба да функционираат и се отворени и во најстрашните кризи во светот. Во моменти на војна, во најголем дел од државите, училиштата остануваат отворени затоа што тие се места каде што учениците стекнуваат знаење, се социјализираат и училиштата се грижат и за заштита на менталното здравје на учениците, додаде Царовска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.