Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, потпиша договор за пристапување на Македонија, кон програмата за дигитална администрација-ИСА2 на Европската Унија, со комесарот за буџет и администрација Јоханес Хан.

Станува збор за централна програма на Европската Унија која поддржува активности за развој на ИКТ во јавната администрација, давање електронски услуги, и генерално дигитализација во јавниот сектор.

Едноставно кажано ова е местото каде што се прават планови за развој на информатичкото општество и размена на искуства помеѓу државите членки како и развој на нови стандарди и технологии од областа, а ние ќе можеме да дадеме свој придонес. Оваа програма  е наменета за земјите членки на Европската Унија, но направен е исклучок да се дозволи и нашата држава како земја кандидат, да биде активен член, истакна министерот Манчевски.

Како што рече министерот Манчевски, од економски аспект, придобивките за нас како држава се јасни.  Членството кое се плаќа за учество во оваа програма е со помал износ од годишните трошоци кои ги имаме за приклучок кон TESTA-ng мрежата.

По завршувањето на оваа програма, истата ќе се трансформира во уште поголема програма именувана Digital Europe, која ќе се занимава со поголемата слика на дигитализација во Европската Унија. Тука ќе се разгледуваат и носат идните стандарди и насоки за развој на дигиталната агенда. Македонија активно ќе учествува во дефинирањето на идните решенија и стандарди од ова поле кои понатаму и ние ќе ги имплементираме и примениме.

Комесарот Хан, потенцираше дека на овој начин, со пристапување на Македонија кон оваа програма, ние сме веќе дел од Европската Унија. Тој ги поздрави напорите на нашата држава за приклучување кон ИСА2, а како потврда за тоа е отстпката што ЕУ ја прави, овозможувајќи и на Северна Македонија, полноправно членство во оваа програма.

Согласно препораките за справување со Ковид-19, потпишувањето беше дигитално. Како што и двајцата потврдија, ова е уште еден пример за важноста на дигиталната трансформација за непречено одвивање на сите активности и во време на вонредна состојба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.