Медиумите во Малта тераат шега со Драги Рашковски и неговата навреда што ја упати кон оваа земја, кога рече дека Малтежаните се „преваранти“.

На снимката од скандалозниот договор за набавка на опрема за авио-сообраќај, Рашковски упати низа расистички навреди на сметка на Италијанците, Французите, Малтежаните и сите народи кои живеат околу Еквадорот.  Конкретно за луѓето од Малта, на Рашковски му е предочено дека таков систем бил набавен од Малта, а тој вели дека Малтежаните се
„преваранти“ и ги вбројува меѓу „ебиветер“ државите.

Веста беше широко пренесена низ Малта, а заедницата на Македонците на Малта упати и извинување до премиерот Жосеф Мускат за навредата која генералниот секретар на македонската Влада ја упати до оваа нација.
Денес во приказната се вклучи и сатиричното списание Бис Серјета од Малта, кое објави „кромид“ вест за целиот случај. Списанието објави наводна изјава од премиерот Мускат во која тој ги отфрла тврдењата дека луѓето од Малта се измамници, и вели дека ако Рашковски така
мисли, очигледно никогаш не сретнал човек од соседниот остров Гозо, со кој Малта има историско ривалство.

Најостро ги отфрлам обвинувањата дека луѓето од Малта се „преваранти“, премиерот Жозеф Мускат изјави за време на прес конференцијата. „А дури и ако сме, во споредба со жителите на Гозо ние сме невини јагниња“, пишува сатиричното списание, пренесувајќи ја наводната изјава на премиерот Мускат.

Списанието понатаму му порачува на Рашковски, ако сака да види вистински пример на „преварантство“, нека дојде на островот Гозо и нека се обиде да изнајми такси на тамошното пристаниште. Ќе го одерат бетер него американски туристи на пазар во Мароко!

Шегата на страна, скандалозните изјави на Рашковски беа пренесени и во Италија, за нив реагираше и францускиот амбасадор Тимоние, а ромските партии од коалицијата на Заев се најдоа во небрано – да мораат да премолчат расистички навреди упатени кон нив и нивните гласачи.

Заев не побара оставка од Рашковски, кој пак веројатно е пресреќен што снимката на која неговиот шеф се брука во разговор со лажните Петро Порошенко и Јенс Столтенберг направи јавноста да подзаборави на кратко на неговите расистички изјави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.