Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата денеска го предложи Максим Ацевски за главен државен ревизор.

Едногласно е донесена одлуката од Комисијата, а нејзиниот претседател Илија Димовски посочи дека нејзините членови дошле до општо прифатливо решение – економистот од Велес, Ацевски да му биде предложен на Собранието на главен државен ревизор.

Димовски нагласи дека нема сомнеж дека сите 12 кандидати би биле добар избор, но сепак членовите постигнале согласност за Ацевски.

Истакна дека е потребно да се комлетира оваа институција пред изборите, со цел да може да си ги врши своите законски и уставни надлежности.

Ацевски е дипломиран економист од Велес. Во Државниот завод за ревизија е од 2001 година до денес. Често пати во медиумските настапи зборувал за потребата од зајакнување на капацитетите на Државниот завод за ревизија, но и за односот на надлежните институции кон неправилностите што ги регистрираат ревизорите.

Кон крајот на 2017 година истече мандатот на Тања Таневска, за што беше информирано, а во изминативе неполни две години со ДЗР раководеше заменикот на главниот државен ревизор, Насер Адеми, но неговиот мандат во траење од 9 години, истече на 4 октомври, без да биде назначен овластен потписник. Фунционирањето на институцијата беше доведено во прашање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.