Дали францускиот претседател Емануел Макрон ѝ кажал на македонската делегација што да очекува, дали ја излажал или заслепени од датумот што го „добивме лани“ не сакале или не можеле да го разберат човекот што зборува? За жал, овие дилеми ќе останат неодговорени, а фактите ќе продолжат да го зборуваат обратното од она што го зборуваше и во што веруваше македонската власт.

Пред само месец и половна поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски во ТВ-дебата со специјалниот советник на премиерот Бојан Маричиќ, ги сподели своите сознанија за тоа каква методологија подготвува Франција и дека приемот во ЕУ отсега ќе се одолговлечи наместо да се забрза.

Новата методологија за проширување на ЕУ, предложена од Франција, предвидува парцијално членство и 7 етапи при зачленувањето на Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и БиХ. Зачленувањето е предвидено како строг, постепен и спор процес, но со поконкретна поддршка во текот на целиот процес, преку делумен пристап до инструментите од заедничките ЕУ-проекти, а можен би бил и пристап до помал процент од структурните фондови.
Етапите на постепеното зачленување се замислени како школски систем, односно не можете да учествувате во политиките на ЕУ од петата етапа, доколку не ги исполните одредниците за влез и учество во четвртата етапа, претходно третата етапа итн. Човековите права и слободи, владеењето на правото и правосудството остануваат темелни основи на процесот, чие исполнување е услов без кој не се може.
Постепеното зачленување во ЕУ се предлага да биде повратен/реверзибилен процес кој ќе може, заради можно назадување во стандардите, да биде суспендиран, да бидат ускратени одредени фондови или да биде вратен на самиот почеток.
Полноправното членство останува опција и крајна цел, но со оваа методологија од почетокот на преговорите до целосното членство во ЕУ би биле потребни околу 10-15 години, предупредува Милошоски.

Маричиќ, пак, тврди дека на средбата во Софија минатата година Макрон им го кажал токму спротивното нему и на премиерот во заминување Зоран Заев.

Претседателот Макрон ни кажа дека идејата на Франција е преговорите да не траат бескрајно, затоа што тие го имаат оценето досегашниот процес со Србија и Црна Гора. Србија и Црна гора преговараат 7 години, не се до никаде во смисла на заокружување на процесот. Ако се водеа од пристапот со Хрватска и претходно со Словенија, ќе требаше да се при крај и да имаат затворање на договорот за пристапување и ратификација. Сите научени лекции земјите-членки и ЕК ги инкорпорираат во секој нареден прием затоа не треба да не чуди ако има нови идеи кои треба да го засилат мониторингот. Но, според мене, тоа може да биде една шанса за нас, да влеземе во трка со земјите од регионот и да покажеме колку навистина има капацитиети, вели Маричиќ.

Сепак, од документот што го испрати Франција до земјите-членки на ЕУ се заклучува повторно спротивното – но одо она што го тврди Маричиќ. Франција бара „обновен пристап“ во процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан. Исто така, од Европската комисија се бара до јануари 2020 година да објави нова методологија во процесот на пристапување, што ќе се применува при започнување на пристапните преговори со земјите-кандидати.

Поблиски врски со Европската унија се единствениот начин овие земји да се консолидираат, врз основа на владеењето на правото и отворени и плуралистички општества, кои се занимаваат со својот економски и социјален развој, се наведува во францускиот документ.

Според Франција, таквиот обновен пристап би требало да се заснива на четири принципи: постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност.

Официјален париз бара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки“.

Откако ќе се отворат преговорите, процесот на интеграција повеќе нема да се заснова на отворање голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази, кои ќе формираат кохерентни блокови на политики и шема воспоставена од ЕУ, земајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што е соодветно, се вели во документот во кој имал увид РСЕ.

Владеењето на правото и темелните права би останале интегрално барање од моментот на отворање преговори, и би останале такви во сите области за време на процесот. Исто така, официјален Париз предлага, преминувањето од една во друга фаза да биде детално изложен, а главно би се засновал на „постојано, неповратно напредување во областа на владеењето на правото“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.