Под мотото „Европска иднина за Македонија“ попладнево пред Француската амбасада во Софија ќе се одржи мирен собир за поддршка на европските аспирации на Македонија, јави БГНЕС.

Самиот настан не е против нешто, туку е за поддршка на Македонија и за забрзување на почетокот на нејзините преговори за членство во Европската Унија, изјави еден од организаторите на собирот, скулпторот Андреј Врабчев.

Тој нагласи дека присуство на настанот, организиран преку социјалните мрежи, потврдиле најмалку 150 лица.

Врабчев најави дека е предвидено за време на собирот до Амбасадата да биде доставено писмо до францускиот претседател Емануел Макрон во кое се бара од него да ја преиспита својата позиција околу отпочнувањето на претпристапните преговори.

Местото на Македонија е во Европа поради многу причини – како географски, така и културни. Како што нашето место е во Европа, логично е и Македонија да биде дел од ЕУ. Крајно време е границата меѓу Бугарија и Македонија да биде европска, односно да биде слободна,  истакна Врабчев.

Според него, доколку Бугарија и Македонија одново припаднат на два различни блока, ќе се создаде сценарио кое ќе биде многу драматично и ќе влијае врз целиот Балкански Полуостров. Во таков случај, смета Врабчев, земјава многу лесно може да западне во криза, бидејќи „има обиди за нејзина поделба, како и апетити кон не од трети држави“.

Протестот е најавен на „Фејсбук“ како „Европска инднина за Македонија“, а ќе почне во 18.30 часот.

Ние веруваме дека Франција отсекогаш беше моторот на Европа. Очекуваме да не се откажете од оваа улога и да ги преиспитате своите позиции кон Северна Македонија. Не е познато зошто е подигната Триумфална порта во центарот на Скопје? Можеби вас ве чека? На Европа ѝ требаат лидери, можете да бидете новиот Де Гол. Освојте ги срцата на граѓаните на Северна Македонија и ќе уживате во вистинска победа за сите европски граѓани, стои во апелот на организаторите до Макрон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.