Македонија има исклучително добар напредок и според светските критериуми спаѓа во една од 16 држави која е климатски амбициозна. Иако не сме членка на ЕУ, ние ги следиме стандардите и препораките од ЕУ и ова е исклучително добра област во која имаме напреднато благодарејќи на соработката што ја имаме со академската заедница, пред се со МАНУ, УНДП, проектната единица што се грижи за климатските промени. Можеме да бидеме горди за постигнувањата во оваа област.

Ова денеска го изјави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули пред почетокот на работилницата „Климатските промени-реалност или илузија“ што се одржува во Музејот на илузии во Скопје во соработка со Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).

Тој потсети дека во моментов експертите, политичарите, невладините организации се наоѓаат во полскиот град Катовице на Светскиот форум за климатски промени.

Останува на сите нас да се вклучиме во борбата против климатските промени, а основната порака која доаѓа од Катовице е повикот за заедничка акција на сите. Оваа работа не е на еден поединец и тоа се оди во корелација со политиките што ние во МЖСПП ги имаме за заштита на животната средина, рече Макрадули.

Одговарајќи на новинарски прашања, заменик-министерот рече дека МЖСПП ќе подари една апликација во која ќе се објават сите компании кои имаат легална А и Б дозвола за да се информираат граѓаните. Макрадули нагласи дека ги поздравува акциите на инспекторатите и на општините во Скопје.

Прашан зошто не работат мерните станици во Ново Лисиче и во Гази Баба, Макрадули рече дека мерните станици работат, а не работи само еден инструмент внатре во мерната станица. Додаде дека тоа не сметало кога се надминал прагот да ја информираат јавноста. Подобро е кога ќе се тргнат загадувачите, тогаш, како што рече, нема да ни требаат мерните станици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.