Дали Марјан Забрчанец, кој е дел од кабинетот за односи со јавност во Владата е директно задолжен за ПР настапите и говорите на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски? Извори во владејачката партија брифираат дека секојдневно и за време на работниот дел од денот Забрчанец е посветен на настапите на Пендаровски, пишува Макпрес.

Аналитичарот Петар Арсовски, во изјава за „Алфа“ вели оти владини функционери не би смееле да бидат вклучени во кампањата на Пендаровски.

– Ако е вистина, тоа е етички проблематично. Прашањето е дали тоа го прави во текот на работното време или не, и дали за тоа добива одредена надокнада. Секако, владиниот тим не би требало да биде вклучен во поддршка на кампањата на Пендаровски. Треба да имаме предвид сепак дека тие владини функционери по работа одат во партијата, а партијата го кандидира Пендаровски, така што не би можело целосно да се избегне, нагласува Арсовски.

Инаку премиерот Заев денеска од Прилеп порача дека сите предизборни активности, трибини, и промоции на градежни работи биле дел од тековни и одамна почнати активности, а не предизборни маркетинзи. Периодов тој со засилено темпо е на терен, нешто што беше постојано критикувано од неговата партија кога беше во опозиција.

– Апсолутно не е исто. Ние не купуваме гласови, не делиме предизборни субвенции. Ние и тогаш, и сега критикуваме неделење на партијата од државата, порача Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.