Наместо како посебен, предметот историја од почетокот на наредната учебна година ќе се изучува во групата општествени науки. Ова се предвидува со вчера промовирана нова образовна концепција од страна на Министерството за образование и наука.

Министерката Мила Царовска изјави дека основното образование е базата на образованието и затоа промените ги започнуваме токму одве.

-Новата концепција ќе значи повеќе време во училиште, помалку предмети, односно спојување на повеќе предмети во еден, повеќе интеракција помеѓу учениците и наставниците и помеѓу самите ученици. За сето ова е потребна максимална посветеност на наставниците, кои што низ креативен и инспиративен начин низ наставата и дополнителни активности вон наставата ќе го поттикнат полниот потенцијал кај секое дете, нагласи Царовска.

Но, најавениот концепт наиде на остри реакции на јавноста, па социјалните мрежи уште синоќа зовреа од коментари.

Професорката Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик реформата ја оцени како скандалозна.

– Скандалозна реформа на основното образование! Комплетно згрешена концепција и експериментирање со учениците! Укинат предметот историја и ставен во групен предмет Општествени науки! Е па „браво”! Што да кажам друго!, вели во својата објава на Твитер професорката Груевска-Маџоска.

Остар во реакциите беше и проф. Митко Панов.

-Презеднтиран модел како експресно да се „реши“ македонската национална историја-преку „најголемата новина во системот на образование“-промената на наставните планови во основното образование! Новите генерации ученици повеќе нема да го изучуваат предметот историја, кој се брише, а се воведува предметот општествени науки! Република Македонија ќе биде единствената држава без предмет историја!, напиша тој на социјалните мрежи.


Во контекст на преговорите со соседна Бугарија, премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека од наредната учебна година во учебниците ќе бидат имплеметирани согласностите, што досега беа постигнати меѓу македонските и бугарските историчари.

За проф. Тодор Чепреганов, пак, новиот концепт ќе значи почеток на крајот на историската меморија на еден народ.

-Тоа оди во прилог на тоа што го има кажано еден германски историчар дека народите кои немаат историја или се болни или ќе се разболуваат и дека експериментот со хибридната држава продолжува и понатаму. Надвор сме од сите образовни системи на светот каде се знае зошто се учи историјата. Прашањето е дали и соседните балкански држави ќе го прифатат истиот метод или е само експеримент во Македонија. Затоа што, по се изгледа, политичарите не можејќи да најдат решенија за политичките работи, сметаат дека виновник за тоа е историјата. И според тоа, народ без историја најлесно се асимилира или денационализира. Со ова едноставно се прави силување на колективната меморија на македонскиот народ. Народ без историја, без минато, ќе нема ни сегашност, ниту иднина. Едноставно, македонскиот народ го претвораат во зомби човек,вели Чепреганов.

Преземено од Пресингтв.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.