Македонскиот полициски синдикат како репрезентативен сидикат во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, будно ги следи последните случувања во Министерството за внатрешни работи и во јавноста, поради што чувствуваме потреба од наша реакција и укажување, а се со цел заштита на угледот на вработените во Министерството за внатрешни работи и самото Министерство како и животот и сугирноста во извршувањето на секојдневните работните задачи на нашите членови и сите вработени во МВР, воопшто, стои во соопштението од Македонскиот полициски синдикат.

Повод за ова обраќање се големиот број на реакции упатени на наша адреса од страна на наши членови вработени во Министерството за внатрешни работи, поради зачестените неосновани напади по социјалните мрежи и интернет портали каде се објавуваат невистинити фотографии и се пласираат лажни вести за вработените во МВР како во униформа така и во цивилна облека како и фотографии од цивилни и полициски возила, а кои се насочени кон наводни злоупотреби во однос на професиналното работење и злоупотреби на материјално технички средства и опрема на МВР. Сакаме да потенцираме дека на овој начин се врши психички притисок над вработените во Министерството, поради што може да настанат пропусти во работењето, а со тоа индиректно да биде загорзена безбедноста на државата, граѓаните и нивите имоти.

Пример за ваквите рекации се последните објави по некои интернет портали и социјалните мрежи каде се објавуваат фотографии од цивилни возила за кои се тврди дека се во сопственост на МВР и лица кои се вработени во МВР за кои се тврди дека наводно ги управуваат тие возила и прават злоупотреба со истите. Како пример го посочуваме последното фотографирање на возила во гаражите во комплексот на „Џевахир“ кога во тек била акција на откривање и фаќање на сторители на кривично дело, а со самото објавување на фотографии во јавноста се загрозуваат животите на вработените во МВР и нивните семејства како и се става под знак прашалник успешноста на самата акција.

Сакаме да потенцираме и бараме од новиот министер во МВР Наќе Чулев, дополнителниот министер во МВР Славјанка Петровска, заменик-министерот во МВР Агим Нухиу, директорот на БЈБ Сашо Тасевски и заменик-директорот на БЈБ Бесим Деари за секој поединечен случај да поведат постапка со цел утврдување на одговорност кој сликал и зошто ги објавил тие фотографии имајќи предвид дека станува збор за кривично дело неовластњно снимање, кое е инкриминирано во член 152 од Кривичниот законик на Македонија и кривично дело злоупотребa на лични податоци кое е инкриминирано во по член 149 од Кривичниот законик на Македонија.

Исто така го повикуваме раководството на МВР преку Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди да ги провери објавите и доколку постои злоупотреба од страна на службени лица од МВР да превземе соодветни мерки и активности согласно законските прописи во Република Македонија и согласно правните акти во МВР.

Воедно ги замолуваме граѓаните да не фотографираат возила за кои претпостапуваат дека се од МВР и дека наводно се злоупотребуваат затоа што е можно со истите да се врши службено дејствие кое истото би го прекинале и деконспирирале, а доколку било кој граѓанин на Република Македонија има било какво сознание за злоупотреба од вработени во МВР да го пријави до надлежните институции.

За крај уште еднаш ги повикуваме сите раководни структури во МВР на сериозности и професионалност и невмешување на Министерството во дневно политички настани и препукувања, а вработените во МВР ги охрабруваме секој притисок и закани по било кој основ без разлика дали е тоа политички, верски или било кој друг да го пријавуваат кај нас, а се со цел навремено постапување и превземање на мерки за заштита на нивните права.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.