Пописната Методологија значи легализација на дивоградбите со демографски, социјални и економски податоци кои се нарекуваат податоци во бази на податоци. Оваа дивоградба е голема и габаритна, обесхрабрувачки е молкот на национално и на меѓународно ниво околу оваа Методологија, а тоа значи дека не се води грижа за понатамошниот развој на официјалната статистика.

Повеќе од сигурна сум дека оваа Методологија ќе биде лоша пракса.

Не би сакала историјата на статистиките да има фијаско, но длабоко верувам во загриженоста на национално и на меѓународно ниво околу тоа што понатаму ќе ни се случува со официјалната статистика, која што е клучна во секоја земја.

Очекувам дека ќе биде запрен пописот и дека ќе се остави простор овој процес навистина добро да се подготви. Со овој попис нема да добиеме информации за тоа колку граѓани се иселиле од земјата, затоа што не се предвидени такви прашања за оние кои ќе бидат предмет на попишувањето!
Врзаниот потпис, пак, не е потребен затоа што го нарушува авторитетот на главниот човек на Заводот за државна статистика. Со овој чин се девалвира неговата позиција и одговорност.

Ако некој даде погрешна изјава во текот на попишувањето, нека не се грижи. Нема да биде казнет. Ќе биде доволно да излезе и јавно да се извини. И толку.
Време е да покажеме достоинство, самопочит, самосвест за себе, почит кон нашето минато и загриженост за нашата иднина!

Немам никаква дилема дека Пописот е политички! Македонски народе, каде и да си, јасно ли ти е што се случува?

Спроведување на Попис во услови на корона, пак, е нехумано, несоодветно, бесчувствително и непрофесионално. Спроведувањето на Попис спротивно на статистичките стандарди, ја покажува сета алчност на таканаречените политичари настрвени и немилосрдни во уништувањето на Македонскиот народ!
Лидерите со убави христијански имиња свесно учествуваат во сите овие процеси и перфидно играјќи со емоциите на Македонскиот народ го туркаат да се самоуништи – попишувајќи се. Македонски народе, изгледа не си свесен дека овој Попис е: Попиши се и сам избриши се!

Но, тивкиот бојкот на дијаспората е многу гласна порака, дека разбрале за што ќе бидат злоупотребени. А, гласните од овде, ако имаат чувство за одговорност кон нашите поколенија, да се подприберат!

И, затоа, да се каже навреме: Не се плашам од попишувачите, туку се плашам за нив и тоа во што се втурнати. Може и не се свесни, но полнолетни се, па си знаат за што ги ангажирале и на кои ризици ќе бидат изложени. Ич не се плашам од амбициозните млади, а неуки, што ни делат лекции. Не им берам гајле, затоа што знаат за што и за кого одработуваат. Ич не им се плашам ниту на тие што ни се силат со казни! Прости им Боже ниту знаат што прават, ниту што зборуваат. Секој ден менуваат искази, во зависност кој ги истегнал за уши во текот на денот или на кого морале да му се извинат.

Дали ќе ги казнуваат тие од дијаспората што бојкотираат? Нели, Законот е еден и одредбите важат за сите?! Не! Нема да ги казнуваат ниту иселените, ниту тие што се тука! Ќе мора да ги испочитуваат нивните одлуки да не учествуваат во нешто што ги прекршува нивните човекови права и го нарушува нивното човечко достоинство! На крај, само ќе треба да пребројат колку не им учествувале во процесот на разнебитување, за да се подготви оценка на валидноста на тоа што го нарекуваат Попис!


Пишува Благица НОВКОВСКА, поранешен директор на Државниот завод за статистика

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.