Од „Македонски манифест“ испратија обраќање до германската фондација „Фридрих Еберт“ по повод доделување на наградата за човекови права за 2020 година на Зоран Заев.

Во своето обраќање, од „Македонски манифест“ порачуваат до фондацијата „Фридрих Еберт“ да ја пренаменат наградата за македонскиот народ.

Обраќањето го пренесуваме во целост.

Почитувани од фондацијата Фридрих Еберт, Македонски манифест – форум на видни македонски интелектуалци, е крајно изненаден од Вашата неупатеност (намерна или ненамерна) во македонските состојби, егзистенцијалната и историска ситуација во рамките на Западната цивилизација, па наградата за човекови права за 2020 година му ја доделувате на премиерот Зоран Заев.

 

Зошто? Затоа што тоа се коси со неговата (не) етика, имено, од аспект на човекови права, кој тој го прекрши грубо пред сѐ кон народот на чие чело е за жал, работејќи како марионета заедно со својата влада за туѓи интереси. Имено, тој во таа валкана улога го прекрши основното свето право на македонскиот народ на сопствен идентитет и име, правото на секој поединец и колектив гарантирано и со првиот член јус когенс од Повелбата на Обединетите нации. Тој тоа го стори со преименувањето на генеричкото македонско име со „Преспанскиот договор“ против референдумската волја на мнозинството на македонскиот народ. Се разбира, под силен притисок на западната меѓународна заедница, при што најголеми притискачи беа САД и Германија, ако не сте знаеле. Фрау Меркел, која лично дојде во Скопје да притиска.

 

Почитувани, сметаме, бидејќи и карактерот на вашата фондација ви го налага тоа, дека насилното преименување на еден народ е геноциден чин „par excellence“. А, во тој срамен чин на Западната цивилизација беневолентно учествуваше и Зоран Заев, кого сега, парадоксално, го наградувате за тоа со Вашата награда за човекови права. Шокантно! Немаме зборови да го објасниме тој Ваш потег, кој е можеби резултат на неинформираност и незнаење, но Вие не смеете да си го дозволите тоа и затоа што со тоа фрлате сенка на сомнеж на етичкиот статус на Вашата фондација.

 

Но, не е доцна да направите, имено, етичка корекција од Ваша страна: да ја пренамените оваа награда за македонскиот мартирски народ, скромен, чист во душата и правољубив народ. Тој не личи на Заев, нити Заев на него. Со почит кон Вашата фондација, доколку ја исправи оваа катастрофална грешка.

За МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ

Ефтим Клетников – поет

Агатангел – Митрополит Повардарски

Стојан Стојков – композитор

Запро Запров – диригент

Дардан Венетски – новинар и правник

д-р Слободан Пренџов – универзитетски професор

д-р Цветан Гавровски – универзитетски професор

Фима Клетникова – поетеса

Александар Русјаков – писател

Сотир Костов – правник

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.