Работата на Мешовитата македонско – бугарска комисија за историски прашања не е прекината, како што кажа претседавачот на бугарскиот тим Ангел Димитров, туку привремено паузира поради престојните избори во земјава, изјавиле за МИА од македонскиот дел од комисијата.

Привремената пауза за одржување формални средби била побарана од македонска страна на последната средба на комисијата одржана во Софија на крајот на минатиот месец. Причната за тоа е да не се злоупотребува во дневно-политички и предизборни цели, и да се заштити процесот на градење добрососедски односи.

Во меѓувреме, би продолжиле неформалните контакти и размена на мислења и забелешки за учебниците по историја и за заедничките чествувања.

Останува нејасно зошто изборите би ја ставиле на пауза работата на Мешовитата македонско – бугарска комисија за историски прашања, кога премиерот во заминување беше дециден дека македонската страна работи без политички притисок.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.