Нема да присуствуваме на традиционалната церемонија на кревање на македонското знаме на плоштадот во Мелбурн. Причината за ова е срамниот Преспански договор и илегалната промена на името – се вели во соопштението на Македонскиот совет од Мелбурн и Викторија во Австралија.

Tие велат дека традиционално за 8 Септември Македонците присуствуваат на кревањето на македонското знаме на јарболот на плоштадот во центарот на Мелбурн.

Оваа година тие оваа церемонија ќе ја бојкотираат, ако не им биде дозволено да го кренат знамето со сонцето од Кутлеш. За тоа да биде спроведено, австралиските власти бараат дозвола од македонските дипломатски претставништва во таа земја. Ако Македонскиот совет тоа сака да го спроведе, тоа значи дека ќе мора да напише писмо до Конзулатот на Република Северна Македонија, со што индиректно ќе го признаат новото име.

Тоа ние никогаш нема да го сториме. За нас ова е навредливо и понижувачки – велат Македонците од Мелбурн.

Тие потсетуваат дека откако е сменето името, претставниците на македонскиот конзулат во Мелебурн не побарале средба со Македонскиот совет.

Ние сме Македонци, нашиот идентитет е македонски и нашата татковина е Македонија – пишува во соопштението.

Организациите на македонската дијаспора за 8 Септември најавуваат протести пред македонските амбасади во Камбера и Париз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.