Новата македонска амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска не е добредојдена на конститутивната седница на новото бугарско собрание, закажана за 19 октомври, дознава „Стандард“.

Според информациите на бугарскиот медиум, покрај руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, која беше прогласена за непожелна на седницата, пратениците под знак прашалник го ставиле и присуството на македонската амбасадорка и дали таа треба да влезе во тамошното Народно собрание, откако бугарската национална химна беше исвиркана на фудбалскиот натпревар во Скопје.

Ова доведе до жестока дискусија за време на прелиминарниот состанок за деталите од почетната седница, распределбата на местата во салата од парламентот. Згора на тоа, Скопје има нов амбасадор и вака пречекот ќе ги наруши односите меѓу двете земји, пишува бугарскиот медиум.

Се додава дека денеска на иницијатива на партијата Демократска Бугарија ќе има нова средба на која ќе се допрецизира ставот за Митрофанова и Руси Поповска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.