Советот на министри на ЕУ (GAC) закажан за утре, 8 декември, ќе се одржи преку видеоконференциска врска на министрите, без присуство, соопшти пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски повикувајќи се на дипломатски извори од Брисел. Милошоски појасни дека ваквите онлајн седници на ГАК се сметаат за неформални и не можат да носат конечни одлуки или заклучоци.

Затоа Советот на министри утре ќе даде предлог-заклучоци за проширувањето, како и предлог-заклучоци за Македонија и Албанија во пакет. Овие предлог заклучоци ќе бидат предмет на усвојување од земјите-членки преку начинот познат како „писмена процедура“, што трае еден ден, односно би требало да се потврдат на 9 декември. На утрешниот неформален министерски совет, ниту за Македонија ниту за Албанија, нема да има дискусија за предлог-рамка за преговори со ЕУ, заради немање консензус кај земјите-членки‼️ Исто така, во предлог-заклучоците на Советот на министри нема да има датум за почеток на преговорите со Македонија и Албанија, ниту датум за тоа кога би се одржала на првата меѓувладина конференција. Ќе има само препорака дека меѓувладината конференција треба да се свика што е можно поскоро, откако со консензус во Европскиот совет ќе биде усвоена преговарачката рамка, вели Милошоски.

Дополнително, објаснува Милошоски, ќе има став каде Советот укажува дека добрососедските односи остануваат суштински елемент во процесот на проширување, како и напомена за важноста Македонија да испорача видливи резултати преку конкретна имплементација на билатералните договори со Бугарија и  Грција.

Од 2018 до крајот на 2020 година ова ќе биде четврто вето за Македонија, односно со дипломатски речник немање на консензус за датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, вели Милошоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.