Како последица од загадениот воздух во Македонија предвреме умираат 3.060 лица. Според бројот на населението во нашата земја ова претставува голема бројка на предвремено загубени животи. Овие црни бројки се наведени во заедничкиот ревизорски извештај за квалитетот на воздухот што го напишаа 15 врховни ревизорски институции од Европа, заедно со Европскиот суд на ревизори. Македонија повторно се гуши, а граѓаните се оставени сами да се справат со ситуацијата. Мерните станцици низ земјата секојдневно покажуваат загрижувачки бројки. Во Битола2 концентрацијата на ПМ10 честички во воздухот е 203 во Кичево 107 Гостивар 86…

Аерозагадувањето со честички прашина според СЗО е ризик фактор за појава на белодробни, кардиоваскуларни и малигни заболувања.

Според доктор Дејан Докиќ загадениот воздух делува како кај здравите така и кај хронично болните луѓе и предизвикува воспаление, а и зголемен ризик од инфекции.

Загадениот воздух се состои од повеќе различни органски и од неоргански честички. Дел од нив се ПМ честичките, ги викаме ПМ 10, бидејќи се десет микрометри во дијаметар и се во најголем број. Последици има и од други аеро загадувачи НО2 озон, во лето мниогу повеќе, сите заедно делуваат како кај здравите така и кај хронично болните. Кај здравите може да предизвика печење во нос, очи, кашлица, секреција…Кај хронично болните акутно влошување на хроничната болест, поради што кај нив треба да се зголеми терапијата, бидејки кај нив е зголемен и ризикот од инфекции. Најдобро е тие да не излегуваат надвор или само по потреба со маски кои имаат хепа филтер, вели тој.

Докиќ за „Република“ вели и дека граѓаните за да се заштитат треба дома да користат прочистувачи, а антиоксиданси во вакви услови на енормно загаден воздух треба да земаат сите и здрави и болни. Витамин Ц, Е, Г132, а исто така и преку исхраната да се конзумираат такви витамини.

Дали навистина граѓаните ги слушаат ваквите препораки од лекарите „Република“ побара одговор и од маркетите кои вршат продажба на прочистувачи, прашавме колкава е побарувачката оваа година и каков тип на прочистувачи најмногу се бараат?

Оваа година е двојно поголема побарувачката на апарати за прочистување на воздухот во споредба од минатата година. Граѓаните најчесто бараат прочистувачот да ги има сите филтри за целосна заштита и прочистување на воздухот, сакаат да знаат колку е степенот на загаденост, вели за „Република“ вработена во маркет за бела техника.

Граѓаните велат дека загадувањето е последица на нискиот стандард во Македонија. Посебно е критично во зимскиот период, односно за време на грејната сезона, кога за затоплување на домовите се користи сè и сешто.

Се гушиме, а никој не превзема ништо. Сите го дишеме овој загаден воздух, и оние кои треба да го решат овој проблем или пак за жал не им се важни последиците, изјави жител на Скопје за Република.

 

Секогаш сме меѓу првите пет земји со најзагаден воздух во светски рамки, зошто не се спроведе пар непар? зошто не се казнуваат граѓаните кои палат смет и гуми или пак фабриките кои немаат филтри на оџаците? Каде се институциите да делуваат? вели револтирана госпоѓа.

 

Овој смог го дишат нашите деца, иднината на оваа земја, порано се миеа улиците, сега и тоа го нема, болниците се преполни, а секоја година само празни ветувања, изјави господинот Кирил Ристов за „Република“.

Општинските инспектори во Град Скопје не пишале ниту една казна за загадување.

Три години откако дојдоа приоритет им се реформите, а нив ги нема, аерозагадувањето стана системски проблем, а тие се правдаат со немање на Правилник како би ги казниле загадувачите, сметаат екологистите.

Според екологистите инспекторите за животна средина се луѓе кои само земаат плата, а својата работа не си ја извршуваат, бидејки иста е состојбата и во останатите градови во земјата. Тие пред почетокот на грејната сезона упатуваа и апели болниците во Чаир, Струмица, Куманово да се гасифицираат, бидејки и тие се големи загадувачи на воздухот.

Граѓаните на Македонија низ апели, свои предлози и протести повеќе пати бараат начин да допрат до власта за кончено да се разбуди и да понуди решение за заштита на животната средина. Коалицијата О2 веќе испратила предлог мерки до Министерството за животна средина, а истите ќе им бидат доставени и на кандидатите за градоначалници, од сите партии. Марш за чист воздух имаше и во главниот град, но мерки се уште не се спроведуваат.

Сега на потег се и младите, односно средношколците во петок најавија бојкот на наставата: „Младите на спијат, преку глава ни е од загадувањето“.

Средношколци, родители, професори, секоја наредна година, секој нареден ден, станува се полошо. Ние, средношколците, сме крајно изреволтирани од непреземањето ништо, лежерноста на власта и немањето идеја како да се реши овој најголем проблем. Затоа, во петок, на 20.12.2019. ние, средношколците, нема да присуствуваме на настава во сите средни училишта. Целта на ова е власта и сите општествен фактор да се фокусираат на овој проблем, а по бојкотот ќе се приклучиме на Зелениот фронт и нивните барања, кои се единствено решение за оваа неподнослива ситуација. За нашите животи се работи“, стои во најавата за бојкотот.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.