Тесна разлика во првиот круг меѓу кандидатите на двете најголеми партии Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова на шестите по ред претседателски избори. Блерим Река освои околу 80 000 гласа, што е далеку повеќе од албанскиот кандидат во 2014 година, Илијаз Халими, кој освои 38 966 гласа, но не доволно за пласман во финалниот круг закажан за 5 мај.

Според член 81 од Уставот, доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот круг.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, во случајов на 5 мај. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи, што е предвидено со член 121, став 3 од Изборниот законик.

Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.