Македонија падна осум места на извештајот на економски слободи што го подготвува американската фондација Херитиџ.
Македонија успеа да се искачи до 33-тото место во 2017 година, како резултат на спроведените пазарни реформи, но под мандатот на СДСМ дојде до значителен пад. Извештајот на Херитиџ оценува дали економијата на една држава е поставена на здрава основа и е отворена за странски инвестиции.

Македонија е на 32ро место од 45 земји во Европа и е под просекот на регионот, но е над просекот во светот. Економијата на Македонија растеше од 2017 до 2019 година, потоа падна во 2020, и заздраве во 2021 година. Нејзиниот резултат во индексот го влечат надолу недостатоците во слободата во трговијата и во владеењето на правото (непочитување на правото на сопственост, неефикасност на судството и слабости со интегритетот на власта). Македонија загуби 5 поени во извештајот од 2017 година и падна во групата „умерено слободни“ држави, откако неколку години беше оценета како „главно слободна“ економија, оценува американската фондација.

Единствената висока оценка што македонската економија ја добива од оваа конзервативна фондација е во областа „даночен товар“, каде даноците остануваат релативно ниски уште од времето на реформите спроведени од Никола Груевски. Тука оценката е 95. Исклучително лоша оценка – 38.7,  Македонија добива во областа „интегритет на власта“ каде се мери корупцијата на владејачките функционери. Во извештајот се оценува дека „неказнивоста на корумпираните функционери останува сериозен проблем“ и дека „има многу пријави за несоодветно влијание на власта, бизнисите и политичарите врз судството“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.