Македонија не е во преговори за набавка на руската вакцина за Ковид-19 – велат од Министерството за здравство.

Руската вакцина нема да се набавува во земјава, ниту пак надлежните планираат да пројават интерес за нејзино купување по примерот на другите држави. Нашите експерти од областа на имунологија и имунизација велат дека за оваа вакцина многу малку се знае поради што и засега не може да се дадат прецизни заклучоци.

Од Министерството за здравство додаваат дека вакцина ќе се набавува преку процедурата од која веќе сме дел.

Организациите ГАВИ (Глобална алијанса за вакцини и имунизации), ЦЕПИ (Коалиција за иновации за подготвеност за епидемии) и СЗО (Светска здравствена организација) упатија покана до Владата на Република Македонија да се приклучи кон акцијата/проектот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за Ковид-19 преку таканаречен КОвАКС механизам. КОВАКС механизмот (Глобален пристап до вакцини за Ковид-19) се очекува да резултира во изнаоѓање на вакцина и ставање на пандемијата под контрола во најбрз можен рок преку заедничко здружено инвестирање, споделен ризик, здружени набавки и рамномерна дистрибуција до земјите учеснички. Во изминатиот период имаше неколку состаноци, во кои се разговараше за детали околу испорака, набавка, количини и начинот на дистрибуција. Ова практично значи дека во моментот кога преку таканаречениот Ковакс механизам вакцината за Ковид-19 ќе биде достапна во светот, ќе биде достапна и во нашата земја – објаснуваат од ресорното министерство.

Професорката Александара Грозданова која го води националниот комитет за имунизација вели дека не се сомнева во руската наука, но сепак многу малку се знае за оваа вакцина, низ кои фази на испитувања поминала и дали е безбедна. Препаратот сè уште не е одобрен од Светската здравствена организација .

Иако има многу малку податоци за ефикасноста и безбедноста на оваа вакцина, ова е сериозен чекор имајќи предвид дека руската наука е за почитување. Сепак т.н. руска вакцина како и сите други кандидати за вакцина против ковид-19 ќе треба да ги поминат сите ригорозни тестирања со цел да бидат одобрени за масовна употреба – вели Грозданова.

Вакцината која ќе влезе на македонскиот пазар ќе мора да помине ригорозен процес на проверка, посочува професорката. Препаратот ќе мора да ги помине сите клучни меѓународни и независни контроли, како што е Европската медицинска агенција или Американската агенција за храна и безбедност.

Истражувачкиот институт за вакцини и серуми при руската Федерална агенција за биомедицина, деновиве соопшти дека неговата вакцина против корона вирусот се наоѓа на списокот на потенцијални вакцини на СЗО.

Вкупно 20 земји Латинска Америка, Блискиот исток и Азија направија нарачки на руската вакцина. Меѓу земјите кои пројавија интерес за оваа вакцина е и соседна Србија.

Според достапните информации, истражувачите во светот работат на создавање на 165 вакцини за заштита од корона вирусот. Оксфордската вакцина е веќе дадена на 30.000 доброволци, а во последна фаза е и препаратот на компанијата Модерна во партнерство со САД, кој е на проверка врз 50.000 волонтери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.